Охрид, 4. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридската полиција на втори овој месец во присуство на Јавен обвинител извршија увид на депонијата „Буково“, каде според добиените информации, малолетно лице било тешко повредено.
По увидот, СВР Охрид изврши претрес во домот на 40-годишниот С.Ѓ. од охридското село Велгошти како можен сторител на казненото дело „предизвикување општа опасност“.
На втори овој месец околу 13,00 часот, на депонија „Буково“,С.Ѓ. вработен во Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, како чувар на депонијата, сечел буково дрво со дијаметар од 17 сантиметри и должина од 14,5 метри, при што го повредил малолетното лице родено 2005 година од Битола.
Според сознанијата на полициските службеници, малолетникот заедно со неговиот татко, престојувале во шатор на депонијата „Буково“ каде С.Ѓ. вршел сеча на дрва. Дрвото кое тој во моментот го сечел со моторна пила, паднало врз шаторот и го удрило малолетното лице по главата, од што малолетникот се здобил со фрактура. Детето веднаш со возило на Брза медицинска помош од Ресен било пренесено во болницата во Битола, но поради сериозноста на повредите, малолетникот е префрлен во Клинички центар Скопје.
СВР Охрид против С.Ѓ. ќе поднесе соодветна кривична пријава. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива