август 27, 2019

Охрид, 27. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Околу 18:30 часот, 13-годишниот охриѓанец Марко Пејчиновски го започна својот ултра маратон, во кој ќе се обиде да преплива 64 километри во водите на Охридското Езеро од Охрид до Свети Наум до Струга и назад до Охрид, во знак на поддршка на лицата со ретки болести.

Маратонот започна околу 18:30 часот од Градското пристаниште во Охрид, а предвидено е кружната патека преку езерото да ја заокружи утревечер на истото место.

Марко Пејчиновски минатата година направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач, кој ја препливал таа делница, со што се вмеша меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е дотолку поголем што и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Инаку, за престојниот негов подвиг се изработени маички во бела и црна боја што се продаваат по цена од 300 денари, а целиот приход собран од продажбата е наменет за помош на лицата со ретки болести.

За минатогодишниот подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и „Златна Буба Мара на популарноста”.

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука