август 28, 2019

Охрид, 28. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Не ми е сеедно, но се чувствувам супер. Нема откажување. Им благодарам на сите што ме поддржуваа, со тоа добив уште поголема мотивација, порача охридскиот херој Марко Пејчиноски, кој поради болки во ногата, по речиси пет часа во вода и испливани 11 километри беше принуден да се откаже од намерата да го преплива целото Охридско Езеро.

– Големата болка ме спречи во намерата, но тоа е. Покрај болката имаше и бранови и струења против мене, така што еден час пливав во место, изјави денес Марко, кој напомена дека неговото мото е дека нема откажување и покрај тоа што има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Својот подвиг тој годинава го посвети на подигнувањето на свеста кај јавноста и особено институциите за лицата со ретки болести. Во земјата моментално има повеќе од 450 лица со констатирана различна дијагноза на ретки заболувања, истакна Гордана Лолеска од Здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“.

– Борбата против ретките болести е индивидуална за секој пациент. Тоа што е најтешкото е што луѓето со ретки болести не сакаат многу да зборуваат за нивните проблеми, ниту пред камера, ниту да бидат повидливи, бидејќи голем број од нив се’ уште тоа го сметаат за стигма, рече Лолеска.

Таа додаде дека на ниво на државата се прават набавки, се прават планови за набавки, листи за тендерски постапки, што е за поздравување.

Минатата година Марко Пејчиновски го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид и стана најмладиот пливач во историјата кој успеал да направи таков подвиг. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука