Охрид, 21. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Младиот охридски херој Марко Пејчиноски е добитник на „Светската награда за млад хуманист“, за која го номинираше телевизија Алфа.
– Исклучителната сила на неговиот карактер, неговата моќ да ја сподели љубовта со сие што страдаат, беше основната причина на нашата определба да му го доделиме ова високо меѓународно признание. Неговата воља за победа над ретките болести и хендикепот на тие што се вклучени во битката за здравје, е исклучителна чест што треба да биде признаена во македонското општество, и нашето Интернационално жири се приклучува во тој голем морален чин. Доделувајќи му го ова признание, Интернационалното жири на „Светската награда за млад хуманист“ го одбележува и со специјалната назнака дека Марко Пејчиновски е всушност интернационална млада надеж за 2020 година, објави Тв Алфа.
Комплетната информација ОВДЕ.
Марко Пејчиновски направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач, кој ја препливал таа делница, со што се вмеша меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е дотолку поголем што и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети. За овој подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и „Златна Буба Мара на популарноста”.
Минатата година, силната болка во ногата беше посилна од желбата и упорноста на малиот охридски херој Марко Пејчиновски, кој по 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и испливани 11 километри и 840 метри го прекина маратонот кој им го посвети на лицата со ретки болести. Марко започна да плива околу 18:30 часот од Градското пристаниште во Охрид, а предвидено беше кружната патека преку езерото долга неверојатни 64 километри да ја заокружи вечерва на истото место. (Крај)
извор: Тв Алфа/Анастасија Богданоска фото: архива