април 19, 2022

Охрид, 19. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Новинарката Маја Савиќ е денешен гостин во рубриката „Моите 3 омилени песни“ на Супер радио и OhridPress.

Маја е од оние новинари кои (за жал) се врста во изумирање. Таа ја помина целата школа, од најмали нозе, и ја пиеше новинарската вода, директно од изворот. Преку детски и младински емисии, стигна и до уредник на медиум. И денес работи како во времето кога оваа професија навистина значеше нешто – секогаш тивка, темелна, ненаметлива, но со одмерен и точен фокус кон вистинските теми кои ги засегаат граѓаните. Кај неа нема да најдете мешетарење со професијата, лажни перја без суштина и токму затоа е меѓу оние од кои побаравме да ги споделат со Вас омилените песни.

Нејзин музички избор во „Моите 3 омилени песни“ се песните: Live With Me на Massive Attack, The Time Is Now на Moloko и Lost On You на LP.

Помеѓу најдобрите македонски песни, изборот на Савиќ падна на соработката на Кирил Џајковски и Вања Лазарова во „Стојне бре моме Кочанско“. Овој избор можете да го следите во изданието на емисијата „Мак Топ 10“, која се емитува премиерно на Супер радио секој четврток од 20:00 до 21:00 часот и репризно во сабота од 16:00 до 17:00 часот.

Рубриката „Моите 3 омилени песни“ можете да ја слушате на Супер радио, на 97.00 FM секој работен ден во 10:30 и 17:30 часот или преку нашите веб интернет канали и стриминг платформи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука