Охрид, 3. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Најнаградуваниот македонски документарец, што со победа во три категории на почетокот на годинава триумфираше на престижниот филмски фестивал „Санденс“, филмот „Медена земја“ (Honeyland), утре и задутре, 4-ти и 5-ти октомври, ќе се прикажува во Охрид.
Филмот, кој е годинешен македонски кандидат за „Оскар“ и е во трка за најдобар документарец на Европските филмски награди, ќе се прикажува во Центарот за култура „Григор Прличев“, а проекциите се од 20:00 часот.
Цената на влезницата е 100 денари.
Земи половина од медот, половина остави за пчелите. По ова правило за баланс со природата се води Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Но, кога во нејзиното соседство ќе се досели номадско семејство-пчелари, таа се соочува со сериозен предизвик, да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа на земјата. Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива