Струга, 13. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – МЕПСО изврши ревитализација на високонапонска опрема во 110/x kV трансформаторска станица „Струга“ и со тоа го зголеми нивото на доверливост и сигурност во снабдување со квалитетна електрична енергија во струшкиот регион за претстојната зимска сезона.
Стручните лица од МЕПСО во период од 18-ти септември до 12-ти октомври извршија промени на прекинувачи кои беа во експлоатација триесетина година. Монтирани се два нови прекинувачи со што е зголемена доверливоста во на електропреносниот систем и со тоа за претстојната грејна сезона е сведен на минимум ризикот од испади и дефекти. Воедно беа заменети со нови и шест мерни напонски трансформатори во постројката, а извршени се и градежни работи во полињата каде е поставена примарната опрема. Во процесот на ревитализација на опремата во оваа трафостаница МЕПСО вложи околу 100.000 евра.
Ревитализацијата на високонапонска опрема во трафостаницата „Струга“ е дел од тековните активности за модернизација на постројките од преносната мрежа. За овој процес МЕПСО лани во октомври набави високонапонска опрема во вредност од 1,87 милиони евра што е дел од заемот од Европската банка за обнова и развој. Во југозападниот дел на земјава, во рамки на своите приоритети, стручните тимови на МЕПСО се ангажирани и на ревитализација во трансформаторска станица „Сопотница“ во близина на Демир Хисар и во трансформаторската станица „Битола 1“, процес што е планирано да заврши до 10-ти ноември, годинава. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива