март 31, 2017

Охрид, 31. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Грижата за околината и зачувување на Охрид како чист град, не треба да биде само декларативна, туку преку секојдневно активно делување треба да се покаже колку го сакаме градот, смета охриѓанката Мери Нанче, граѓански активист за еко-акции.

Таа додава дека постојано треба да се делува врз свеста на населението, како да се заштити Охридското Езеро и крајбрежјето, а секој поединец да ја сфати својата улога дека треба да придонесе во тоа. Мери Нанче апелира барем во периодов пред доаѓањето на туристичката сезона, преку бројни граѓански иницијативи да се исчисти Охрид.

За нејзините еколошки ставови говори во интервјуто на Супер радио и OhridPress.

otpadohrid1

отпад кај Далјан

Супер радио:

Со оглед на тоа дека бевте една од иницијаторите за граѓанската акција за чистење на локалитетот Лабино пред извесен период, може ли за јавноста да ги пренесете првичните впечатоци од одржаниот настан?

Нанче: Се радувам што направивме нешто такво. Тоа е малку во однос на сè што треба да се направи допрва. Сум среќна што има луѓе, кои разбираат дека треба да се делува. Но, пак ќе кажам дека е малку тоа што се прави. Без редовно чистење, без редовно одржување на улиците, на просторот околу зградите, нема напред. Тоа сè е прашање на нашата свест. Пред некое време, имаше големи бранови и не сме ни свесни што сè исфрлија брановите од езерото.

akcijacistenje

akcijacistenje2

спроведената акција за чистење кај Лабино

Супер радио:

Имате бројни предлози како да се поттикнат луѓето, да стекнат навика постојано да ја одржуваат чиста околината. Можете ли да издвоите некои од предозите?

Нанче: Би било добро одвреме – навреме, на пример, по едно училиште да се организира, децата да се активираат, па потоа од претпријатието „Комуналец“ да ги соберат вреќите со ѓубре. Или, на пример, да се поттикнат станарите од секоја зграда, да се исчисти дворното место пред секој објект. Јас сум за тоа, да има казни. Да се наложи пред секоја колективна зграда просторот да мора да биде чист. Ако не, кога ќе помине инспекција, и ако не е чисто, да се казнат станарите на таа зграда. Звучи ригорозно, но мора да се преземе нешто од тој аспект. Не знам зошто е толку тешко, секој пред себе да си го исчисти просторот. За добар пример се жителите на пример од некои улички во населбата Воска, кои ги мијат улиците, сè е варосано, бело, а во другите делови, можеме, за жал да видиме сè и сешто. Сите сакаме да фотографираме убави места од Охрид, езерото, лебедите, а доволно е само да се завртиме на другата страна и да се запрепастиме од она што ќе го видиме. Ние имаме преубави диви плажи, но таму никој не видел во што се претворени. Знаат одделни луѓе да одат да направат скара, а не знаат потоа да го соберат ѓубрето. За таквите треба да следуваат казни. Исто, по населби, секоја пролет посебно мора да се прави генерално чистење на градот, исто како дома секој што си чисти. Должност на „Комуналец“ не е да дојдат да нѝ чистат по влезовите или просторот пред зградите, а има луѓе што мислат дека тие треба да чистат на приватен имот. „Комуналец“ е за да чисти по главните и споредните улици по градот и да го собира ѓубрето, за тоа ги плаќаме. Не ги плаќаме за да нѝ чистат пред дворовите и влезовите. Со еден збор, тоа е мојата цел, да се исчисти градот.

otpadohrid2

otpadohrid3

otpadohrid4

otpadohrid5

Супер радио:

Која е споредбата со грижата за околината кај нас и во западните земји?

Нанче: Сум била во повеќе земји во Европа. Во западните развиени земји, кога поединец оди на одмор, задолжува друг секојдневно да го одржува дворот, затоа што кога ќе помине некој надлежен, ако не е среден дворот, ќе му додели казна. На пример, патеките кои се направија кај нас, убави се, но околу не смее да се дозволи да има такви трња, ѓубре, треба да е чист простор. Пак ќе апелирам, по примерот на запад, просторот пред секоја зграда, треба да е исчистен. Во Германија сум била. Таму да патувате од едно село до друго, нема да најдете ни едно хартивче фрлено, ни едно догорче од цигара. Фармите се толку чисти. Сè зависи од луѓето. Никој не нѝ е виновен, самите сме си виновни. Во Италија, и во Германија, се воодушевувам прво од чистотата, потоа од зеленилото. Никој таму не фрла ѓубре на улица, или пат. Ако во моментот нема каде да се фрли отпадок, ќе го однесе со себе додека не најде корпа. Ние тука сеуште таа свест ја немаме.

Супер радио: Од сите локации на градот Охрид, кој дел сметате дека е најзапоставен во поглед на чистотата?

Нанче: Има доста запоставени локации, има на многу места многу ѓубре. После Градиште, натаму има многу ѓубре, кое е депонирано на различни места. Колку пати, сум затекнала луѓе, кои се возат со автомобил и преку прозорецот фрлаат отпадоци. Јадат в кола, и кога ќе застанат на некоја плажа, си фрлаат ѓубре покрај пат. Само казни! За да може нешто да се постигне, инаку само со зборување и со фотографирање, ништо не може да се направи. Кон извидничкиот центар, исто така има депонирано невидено ѓубре. Кај населбата Далјан е запоставен просторот. Не можам да разберам, има луѓе кои живеат во згради, не ни погледнуваат и не ги интересира дали во влезот имало отпад. На самите чергичиња пред нивните прагови стои ѓубре, тие го прескокнуваат и чекаат некој друг место нив да го собере. Дополнително, болката е поголема, градот е туристички, доаѓаат луѓе од разни земји, треба да се срамиме ако не е средено. По нашите плажи за жал, има фрлен стар мебел, градежен отпад, облека, шишиња, пластика.

otpadohrid6

Супер радио:

Како започнавте со граѓанската иницијатива и колку наидувате на охрабрување кај Вашите истомисленици?

Нанче: Ја започнав акцијата затоа што сум многу револтирана од тоа Охрид да не е чист. Никаде на светот нема ваква убавина, вакво езеро, тешко ми паѓа, ние граѓаните самите да не се грижиме за тоа. Сите мои пријатели се со иста визија како мене. Има многу луѓе што сакаат градот да е чист. Ги охрабрувам и медиумите постојано во текот на целиот период пред сезона да известуваат каде има ѓубре, да апелираат за чистење, за самоиницијативни акции меѓу луѓето.

Супер радио: Мислите ли дека генерациски има разлика кој повеќе се грижи за здрава и чиста животна средина?

Нанче: Можам да кажам дека возрасните, за разлика од помладите, малку повеќе се грижат. Мислам дека е така. Пример, честа слика е мали деца, па и млади, излегуваат од продавница и отпадот од сладолед, или било што, без грижа го фрлаат на улица. Значи, од каде треба да се почне? Од мали децата треба да се учат што е добро. Ние домаќинство имавме како предмет на училиште, нè учеа како треба, прво родителите дома, па потоа и во училиште.

Супер радио: Убава идеја дадовте и непосредно пред организирањето на акцијата за чистење на Лабино. Предложивте да има еден ден во одреден пролетен месец и еден ден во одреден есенски месец наменет исклучиво за чистење на Охрид, каде ќе бидат вклучени голем број на граѓани. Кои се деталите за оваа идеја?

Нанче: Досега оваа идеја ја презентирав во Супер радио, и речиси на повеќе медиуми, телевизии. Јас навистина сакам тоа да се реализира. Да се одреди еден ден за таква акција. Сите тогаш да излеземе и да придонесеме. Со малку труд, веднаш може да се создаде друга слика. И кога ја организиравме акцијата, ги повикавме жителите на Љубаништа, и тие да ја исчистат плажата непосредно пред нивните куќи. Цело население треба да излезе. Еднаш се случи во Трпејца, кога ја расчистував плажата, локален жител да ме праша дали сум од Скопје? Нему не му беше јасно, како јас од Охрид ја чистам плажата. Му одговорив дека прво тој како жител на тоа место, треба да го исчисти просторот кој е веднаш под неговата куќа. Несфатливо е како нему не му пречеше да има ѓубре пред неговата куќа.

Супер радио: Дали во иднина како граѓанска иницијатива, преку следните акции кои ги планирате, ќе делувате преку повик до граѓаните, да Ви се приклучуваат во што поголем број, затоа што во неколку наврати констатиравме дека ако е помасовно, ќе е поуспешно?

Нанче: Јас се надевам дека со нашата иницијатива ќе поттикнеме и други. Добро е што има заинтересирани активисти. Јас давам само идеи, предлози, секој може да придонесе. Ние делуваме како обични граѓани, кои го сакаме овој град и сакаме да е чист. Има луѓе што сакаат да ја направиме оваа акција поголема, но сепак, не е само до нас, дваесет – триесет луѓе да излеземе. Можеме да имаме плажи за мерак, ако се исчистени. Секаде каде што има трње, капини, исушена трева, тоа може да се отстрани, да се среди, да заличи.

delkajpesterasreden

пример за средена и чиста плажа

Супер радио

: Кога сме кај туристите, не може да ги одминеме тотално, за тоа што по малку и тие валкаат. Можеби не толку, но и меѓу нив има некои кои не гледаат каде фрлаат ѓубре.

Нанче: Точно, има и такви туристи. Но, има и други фактори, кои придонесуваат за тоа. На пример, на многу плажи, нема канта за ѓубре. Точно е и тоа дека тие примерот што го гледаат тука, па така се однесуваат. Зошто ние кога одиме во Германија, на пример, не фрламе ѓубре? Зашто таму има казни, потоа се огледуваме на домаќините, кои нè предупредуваат да не се однесуваме недолично.

Супер радио: Кои се Вашите следни планови?

Нанче: Мене воопшто не ми е тешко да излезам на плажа, да соберам луѓе и да чистиме. Не е само тоа поентата. Поентата е тоа да допре секаде. Општината е таа која треба да каже: Денес е ден кога ќе се чисти тоа и тоа маало, или улици, или плажи. Тоа треба да е масовно, а не да излезат само двајца од зградата. По акцијата, да помине инспекција и каде нема да е исчистено, да се плати казна. По неколку такви акции, да видиме дали нема да е чисто. Јас не можам да им наредам на граѓаните да им се всади во свеста. Јас сум обичен граѓанин. Но надлежните треба да почнат со активност и со казнување. Потоа, треба да има посебни депонии за градежен шут, во секоја населба посебни контејнери за пластична амбалажа, за стакло. Сè тоа може да се регулира така, но ние не можеме тоа да го правиме, не сме, за жал, на тоа ниво.

Супер радио: Во Охрид се одбележуваат одредени денови на екологијата, на водите, или Ден на езерото. Во пракса колку сметате дека треба да се делува од она што се промовира?

Нанче: Во пракса е слабо. Јас на пример, не ја направив оваа акција за да се сликам, туку затоа што сакам да е убав градот. Сите знаат колку е убав Охрид, но треба и да се грижиме за него. Мене Охрид ми е целиот убав. Стариот дел го обожувам, таму сум и порасната. Малку ми пречи што има преголем број на згради во новиот дел. Кејот е преубав, Свети Наум, исто така, но треба да се има грижа.

apelzaureduvanjeplazi

Супер радио:

За Охрид пред неколку децении се велеше дека е еден од најчистите градови во Македонија. Дали можеби свеста на луѓето тогаш била на повисоко ниво? Како луѓето тогаш придонесуваа за убавата слика?

Нанче: Кога живеев во Месокастро, како мала, додека учев во основно училиште, имав како рутина секоја недела, прво да ги исчистам сите чевли на моите домашни. Потоа чистев пред вратата во дворот. Повозрасните пак, сите ги чистеа сокачињата во својот дел од куќите, па потоа и се миеја, калдрмата светеше. Сокачињата сите беа тесни, но толку беше чисто, уредено. Тогаш со трактори и коњски коли се носеше ѓубрето и пак, почисто беше, за разлика од сега, со целата оваа механизација. Сега центарот на градот е среден, не можеме да се пожалиме, но што е со плажите, крајбрежјето, населбите, дворовите. Забелешка имам дека на плоштадот нема доволен број на корпи, по чаршијата, исто така нема. За ова ги прашав дуќанџиите, а нивниот одговор беше дека никој не сакал пред сопствениот дуќан да му стои канта за ѓубре. Тоа е недозволиво, не е во ред, мора да има корпи. Пред секоја продавница мора да има пепелник и корпа за ѓубре. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Мери Нанче

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука