Поградец, 8. февраури 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонските власти аларимираат за испуштањето на водата од Охридското Езеро. Веќе неколку недели нивото на водата во Охридското Езеро е под минималната кота, односно 23 см под дозволеното ниво од страна на УНЕСКО, изјави за албанската телевизија СОТ7 Аријан Мероли, експерт по животна средина од Поградец и порашен претставник на Албанија во Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро.
Конкретно, во најниските крајбрежни подрачја, на потегот од градските плажи во Поградец до Тушемиште, водата е повлечена за околу 40 метри, а во длабочина од околу 1,5 метри.
– Истиот феномен е забележан од албанска и од македонската страна. Одговорните органи на Република Македонија наведуваат дека главна причина за ваквото ниско ниво на езерото е производството на електрична енергија од страна на „ЕЛЕМ“, што од друга страна е голема опасност за живиот свет на езерото. Во периодот на месец јануари има драстично намалување на нивото на водата во езерото, и тоа 23 см под дозволеното ниво. Ова е спротивно на сите технички услови кои се потребни за заштита на еден екосистем, бидејќи намалувањето на нивото на водата кај одредени зони на крајбрежјето директно влијае врз флората и фауната која живее во езерото и негативно делува на целокупниот екосистем, вели Мероли.
Тој додава деа ова е целосна одговорност на македонските власти, бидејќи единствениот пат за испуштање на водата од Охридското Езеро е реката Црн Дрим.
– Државната компанија за производство на електрична енергија „ЕЛЕМ“ управува со браните за испуштање и запирање на водите од Охридското Езеро. За жал, во текот на месец јануари, медиумите објавија дека се случил голем дефект во една од најголемите Термоцентрали во Република Македонија, која е главен производител на електрична енергија. Мое мислење е дека тоа е главната причина, поради која „ЕЛЕМ“ одлучи овој недостаток на производена електрична енергија од страна термоцентралите да го компензира со користењето на езерските води, што од друга страна се противи со сите меѓународни прописи, со статусот на Охридското езеро, но најважно од се`, е спротивно сите договори кои ги има потпишано Република Македонија, потенцира Мероли.
Како што се повлекува водата од двете страни на езерото, така се појавуваат низа проблеми, како за растителниот свет од оваа зона кој е најпогодена, така и за другиот дел на живиот свет од езерото.
– Од моја гледна точка, ова не е во ред, бидејќи целокупната зона на езерото е витално поврзана, и ако ние ја уништиме оваа зона во која живеат одредени видови на жив свет, ќе се поремети и ланецот на исхрана на екосистемот во езерото. Со слична ситуација се соочуваме речици секоја година во текот на месец јануари, но не се памети кога последен пат се случило во ваков размер. Последното испуштање на вода од езерото од поголеми размери беше во 2012 година, напоменува Мероли.
Топењето на снегот од околните планини, како и новите врнежи од дожд ќе бидат можност да се зголемат водотеците и да се покачи нивото на вода во Охридското Езеро, сметаат хидролозите.
За разлика од пред две недели, кога сликата со ниското ниво на водата во Охридското Езеро беше застрашувачка, од ден на ден ситуацијата се подобрува, уверуваат од Хидролошкото одделение при Управата за хидро метеоролошки работи. Изминатиот период искористувањето на водата за потребите на хидроелектраните по течението на реката Црн Дрим го намали водостојот повеќе од вообичаено. (Крај)
извор: СОТ7 фото/видео: СОТ7 превод: Илир Далипи