Скопје, 23. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Утре на Факултетот за безбедност – Скопје ќе биде отворена Меѓународната научна конференција за криминалистика со бројни учесници од Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија.
Конференцијата ќе ја отворат Министерката за внатрешни работи на Република Македонија м-р Гордана Јанкуловска, Проректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола проф. д-р Пере Аслимоски и Деканот на Факултетот за безбедност – Скопје проф. д-р Оливер Бачановиќ.
На научниот собир голем број професори и научни работници ќе презентираат свои трудови и ќе дебатиртаат од областа на криминалистиката, кривичното право, безбедноста, криминологијата и другите сродни научни области барајќи одговор за сузбивање на современите форми на криминалитет.
На Конференцијата меѓу другото ќе се истакне и придонесот на проф. д-р Владимир Водинелиќ за создавањето и научниот развој на криминалистиката во Македонија како и улогата на Факултетот за безбедност – Скопје во унапредување на методите и средствата на криминалистиката која им помага на органите на кривичен прогон во откривањето и докажувањето на кривичните дела и нивните сторители.
По свеченото отворање ќе следуваат изјави за јавноста на кои ќе се презентираат целите на конференцијата која ќе даде насока за идниот развој на криминалистиката како битен сегмент од делувањето во безбедносниот систем на Република Македонија, земјите од регионот и пошироко. (Крај)
извор: Инпрес фото: архива