Виена, 23. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Биљана Тануровска Ќулавковски од денес до 26 март ќе биде гостинка на TanzQuartier Wien (TQW) (Танцквартиер Виена), каде е поканета како учесник на програмата на ЕДН мрежата, односно Европската мрежа за танцови простори.
Во тридневната програма Тануровска Ќулавковски освен можноста да проследи претстави, ќе биде дел од дискусијата ENROUTE – за современите движења на Балканот. На оваа дискусија заедно со професионалци од полето на современите изведувачки уметности таа ќе зборува за потенцијалите на соработка, курирањето во услови на глобални политички и економски промени, и перспективите за развој.
Биљана Тануровска Ќулавковски од 31 март до 2 април ќе биде гостинка на конференцијата во Хамбург „Работиме заедно транснационално” каде ќе предава и води дискусија на тема „Медија на соработка”. Оваа конференција се одржува во рамки на десет годишнината на постоењето на K3 | Tanzplan Hamburg (К3 – Танцплан Хамбург) кореографски центар во Кампнагел, Хамбург. Овој кореографски центар е направен како дел од Танцплан Германија, стратешки план на Германија за развој на танцот, а неговата идеја е преку соработка да се истражува уметничкиот и социјалниот капитал на танцот.
Виолета Качакова до 25 март ќе биде дел од настанот Inside Europe, организиран во Киев, Украина од страна на Францускиот институт од Париз. Настанот е организиран во форма на средби за професионална размена и соработка помеѓу културни актери и организации од Европа. На настанот ќе земат учество 25 уметници, менaџери во културата и директори на културни институции и организации од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Франција, Унгарија, Молдавија, Полска, Чешка, Романија, Србија, Словачка, Украина и Македонија, претставена од Локомотива. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива