јуни 27, 2019

Охрид, 27. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на АКК „Primo Racing“ и општините Охрид и Ресен, во соработка со Автомобилистичката Федерација и Агенцијата за Млади и Спорт, по пауза од 40 години, во недела во Охрид ќе се одржи Меѓународното Авто рели „Охрид, две езера“.

Станува збор за настан кој е од меѓународен карактер и се бодува за Шампионатот на Централна Европска Зона, Шампионатот на Македонија и Шампионатот на Србија. Учество ќе земат повеќе од 30 екипи од неколку држави од Европа.

– Стартот и целта на релито е во Охрид, на Кеј „Македонија“, а рутата на движење е преку Галичица до Стење со организација на посебни специјални испити во должина од 65 км и вкупна должина на релито од 215 км. Движењето на натпреварувачите е по патна книга, која се изготвува од страна на организаторот. Со оглед на атрактивноста и популарноста како и позитивниот имиџ на манифестацијата во Европски рамки, АКК „Primo Racing“ и оваа година ги превзема сите активности за привлекување и застапеност на уште поголем број на странски натпреварувачи и познати европски имиња од автомобилизмот, и се очекува да земат учество повеќе тимови од Македонија, Грција, Бугарија, Турција, Србија, Хрватска, Словенија и други земји со повеќе од 30 посади. Со доаѓањето на ваков тип на тимови не е исклучена и можноста за доаѓањето на големиот избор на познати европски брендови, како и посета на настанот од страна на бројни VIP личности од нашата јавна сцена, информриаат организаторите.

Додаваат дека со организацијата на ваков тип на манифестации, Охрид и Ресен ќе бидат центар на централна Европа во светот на автомобилизмот, со што ќе се придонесе за огромна промоција и поголема посетеност на Охридско-преспанскиот регион во европски рамки. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука