Охрид, 30. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Балканската рута се уште е активна. Иако со помал интензитет, сепак регионот мора да остане буден и подготвен за наплив на бегалци. Истражувањата покажале дека бегалците не сакаат да останат на Балканот, беше порачано на Регионалната школа за безбедност која деновиве се одржува во Охрид.
Според академската заедница во изминатиот период констатирани се низа слабости во безбедносниот систем и реална е потребата заеднички и регионално да се одговори на безбедносните предизвици.
– Доколку ние како безбедносен систем академска заедница не превземеме нешто во делот на трансформацијата на безбедносниот систем не само сегашната реформа да биде чекирање на одреден обврски кои произлегуваат од различни планови кон процесот на ЕУ и НАТО, туку суштински реформи кои ќе ги знае и академската заедница во тој случај ќе изградиме функционален безбедносен систем, истакна доц д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност во Скопје за Канал 5.
Унгарија, Полска и Чешка се главните виновници за бројните проблеми со мигранстската криза, сметаат експертите по безбедност од Грција. Според нив поголемиот дел од Европските земји не се волни за соработка.
– Сметам дека ниту Европа ниту регионот не се доволно подготвени да се справат со ваков тип на предизвици причина за тоа недостаток на вистинска волја за вакво нешто. Ако погледнеме примери од минатото како се справувавме со војните Виетнам или Бивша Југославија и ако споредиме како тогаш се залагаа, а како тоа сега го прават можеме да видиме дека недостига волја, вели професор Вемунд Арбаке од Универзитетот „Аристотелис“ во Солун.
– Разбирам дека општа перцепција за тоа како се менаџираше мигранстаката криза во минатото и тоа секако беше шок посебно за земјите од регионот секако и за ЕУ но на некој начин според мене тоа беше последица на веќе постоечки кризи кои што подолго време се провлекуваа во регионот, додаде професор Александра Продромидру од Солун.
Професори и студенти од Македонија, Грција и Бугарија учествуваат на Регионалната школа за безбедност деновиве во Охрид и дебатираат за „Прекугранична соработка во соочувањето со заедничките безбедносни предизвици од мигрантите“. (Крај)
извор: Канал 5 фото: архива