Охрид, 26. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Детската градинка „Јасна Ристеска“ годинава ќе одбележи значаен јубилеј, 60 години постоење.
Директорката Ирина Милеска во интервју за Супер радио и OhridPress вели дека подготовките се започнати уште сега. Со неа поразговаравме за бројот на згрижени деца, состојбите во објектите како и за тековните зафати и плановите во иднина.
Милеска потенцира дека зголемена е побарувачката за згрижување деца во јаслените групи и во групата од 2-4 години, додека за деца од 4-6 години интересот е слаб, нешто што не било случај претходните години.
Супер радио: Повеќе од една година сте директор на детската градинка, доаѓате од редот на вработените. Каква е состојбата во објектите на градинката?
Милеска: Овде сум дефектолог, а веќе година и четири месеци сум в.д директор. Моментално имаме пет големи објекти и четири објекти во просторни услови. Сега се трудиме да реновираме, дел од објектите се понови, дел постари, правиме проекти, моментално изминатава година ја променивме дограмата во економскиот влез во објект „Лихнида“, нов паркет поставивме во објект „Билјана“, сега комплетно ќе ја реновираме кујната во централната градинка, да се подобрат условите. Работиме на уште два поголеми проекти во објектите „Росица“ и „Лихнида“. Имаме голема поддршка од градоначалникот и целиот тим на Општина Охрид и многу добра соработка имаме со сите јавни претпријатија, со основните и средните училишта, соработуваме со културните установи, Библиотеката, Центарот за култура и имаме голема поддршка и соработка со родителите.
Супер радио: Колкава е бројката на дечиња згрижени тука, во колку групи се поделени и дали е задоволителна. Може и споредено со други години.
Милеска: Бројката варира, но имаме околу 1.100 деца запишани од 0-6 години, а исто имамепродолжен престој од 6-10 години. Моментално имаме 43 групи, јаслени групи и градинкси дел. Во јаслениот дел имаме околу 160 бебиња, во другиот околу 930 дечиња. Имаме забележано веќе дека не е ништо исто како порано, имаме големи побарувања за згрижување на деца од 0-4 години, сега во овој период ги правиме уписите за 2023/2024 година, ги правиме во летниот период до август за да можеме од септември да поченеме со нови групи, забележавме дека најмногу барања за бебиња и деца од 2-4 години, побарувачката е многу голема, ќе мора да ги менуваме групите. Еве за деца од 4-6 години имаме многу слаб интерес за згрижување. Уписи имаме низ цела година, но сега се најважните за веќе од септември да се формираат групите.
Супер радио: Летната сезона веќе започна, па како ќе оди процесот на работа во следниот период, дали сите објекти работат во текот на летото?
Милеска: Забележуваме дека е многу голем бројот на деца во летниот период, од 650 до 700 деца кои ја посетуваат градинката. Децата се овде соодветно згрижени, секојдневно имаме активности, ние немаме колективен одмор, дел од персоналот е на одмор во јули, дел во август, се соочуваме со зголемен број на деца, а намален број на вработени. Продолжениот престој сега не работи, бидејќи се координираме со училиштата. Моментално работат само големите објекти, останатите што се во просторни услови доаѓаат во градов, ги распоредуваме, на пример од Велгошти и Пештани се во Централна, Радојца Новичиќ се во „Развигорче“. Мора така бидејќи колегите се на одмор, ова се прави на лето и во јануари кога школите не работат, ги носиме во градов заради парното. Продолжен престој имаме за децата од „Григор Прличев“, 1.490 денари месечно и ги користат истите услови како градинскиот дел, само таму имаме одделенски наставници кои пишуваат домашни со нив, ги подготвуваат за час.
Супер радио: Колкав е бројот на вработени и дали е тоа доволно?
Милеска: Моментално околу 145 вработени имаме со технички персонал заедно, во летниот период одиме по групи на одмор, во јули и август, бројот во лето е намален. Секогаш мислам дека е добредојдено да имаме уште пероснал дополнително, има одмори и непланирани ситуации, бројката на деца е голема, но сепак се снаоѓаме.
Супер радио: Споменавте дека уписи има во текот на цела година. Која е процедурата?
Милеска: За уписи прво родителот поднесува барање за детето да влезе во систем, за барањето треба лични карти од родителите и извод на родени од детето. Потоа ние формираме комисија и одлучуваме кое дете во која група, а за прием на децата треба потврда дека детето е во добра здравствена состојба, потврда за примени вакцини согласно календарот за имунизација, не примаме деца без вакцини, освен оние кои имаат медицинска белешка дека не можат да ги примаат, исто така треба крвна слика не постара од шест месеци, по што родителот потпишува договор. Според адреса на живеење се одредува во кој објект ќе биде згрижено детето, но за да не одбиеме некое дете доколку нема слободно место можеме да го пренасочиме во друг објект. Имаме зголемен број на деца со посебни потреби и со говорни нарушувања. Ако пред десет години имаше пет деца запишани од 1.000, сега имаме преку 150 деца со посебни потреби и скоро секое второ дете е со проблеми со говорот. Јас како дефектолог сум една и имаме еден логопед, што е премалку, не можеме да постигнеме. Се трудиме, имавме земено на пракса логопеди и дефектолози.
Супер радио: Дел од зафатите споменавте. Кажете ни што друго ќе се прави во текот на летниот период?
Милеска: Како што реков комплетно ќе се санира кујната во централната грдинка, со промена на санитарија, одвод, довод, електрична инсталација и вентилација, ќе ја направиме модерна. Во Лескоец се реновираа подовите, во Велгошти ќе реновираме подови, но и поситни зафати како молерисување, уредување на дворовите. Постојано имаме активности со децата, вклучени се во повеќе активности, сакаме да се вклучени во општествениот живот, остваруваме посети на институции, се запознаваат со дел од занаетите… во дворот имаме градина каде децата сами садат домати, пиперки, се грижат, ги вадат, а потоа ги собираат плодовите, садат и цвекиња. Вложуваме и во наше стручно усовршување, имаме објавено два научни трудови, едниот е објавен во Србија, другиот во Албанија, третиот е на пат, ќе биде во Босна и Херцеговина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес