Скопје/Белград, 9. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во главната конкуренција на 46-от Меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград ќе се натпреваруваат 16 остварувања од Унгарија, Данска, Иран, Кина, Аргентина, Либан, Грција, Хрватска, САД, Русија, Италија и Швајцарија, а за победниците во оваа селекција ќе одлучува меѓународно петчлено жири на чело со македонскиот режисер Милчо Манчевски.
– Најдобриот филм од оваа селекција ќе го добие признанието Белградски победник, а ќе бидат доделени и награда од жирито, награда за најдобра режија, сценарио, главна машка улога, главна женска улога, како и најдобар дебитантски филм“, соопшти ЦЕБЕФ.
Членови на жирито со кое ќе претседава Манчевски се Јован Јовановиќ, Елма Татагиќ, Мира Тураљиќ и Горан Кичиќ.
Дебитантскиот филм на Манчевски „Пред дождот“ (1994) беше номиниран за Оскар, ја освои наградата Златен лав на Филмскиот фестивал во Венеција, како и наградите ФИПРЕСЦИ и Независен дух, како и 30 други признанија, стои во соопштението од фестивалот.
„Њујорк тајмс“ го вброи во листата 1.000 најдобри филмови на сите времиња.
Манчевски исто така ги има режирано долгометражните филмови „Бикини мун“ (2017), „Мајки“ (2010), „Сенки“(2007) и „Прашина“ (2001), како и една епизода на серијата „Wire“ на HBO.
„Бикини мун“ ќе се прикажува во рамки на селекцијата „ФЕСТ претставува“.
Годинашното издание на фестивалот ФЕСТ ќе се одржи од 23 февруари до 3 март. (Крај)
извор: Кајгана фото: архива