Скопје, 9. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за економија годинава ќе додели 3.555 ваучери од по 18.000 денари за одмор во домашни туристички центри за работниците чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари.
Јавниот повик, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе биде објавен в понеделник на 12-ти февруари, а право на учество имаат сите физички лица кои се вработени и со нето приходи кои не надминуваат 50.000 денари. За оваа мерка, согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, се обезбедени средства во износ од 1 милион евра.
Оваа Програма трае од 2018 година и вкупно биле доделени околу 3 илјади ваучери поради ограничениот буџет, а годинава сумата предвидена за домашните летувалци е три пати зголемена, рече Бекетши.
– Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб страницата на Министерството за економија. Потврдата ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година, истакна Бектеши.
Главната цел на оваа мерка за која и изминатите години имаше голем интерес, додаде, е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.
– Оваа мерка во минатото даде видливи резултати. Бројот на домашни туристи во континуитет се зголемува во последните години, а бројот на ноќевања веќе и го надмина бројот на странски туристи. 10 февруари е краен рок за аплицирање за хотелите кои сакаат да примаат гости со ваучери за одмор. Олеснета е документацијата и таа ќе се прима и преку пошта или во нашата архива, прецизира Бектеши. (Крај)
извор: Слободен печат фото: ОхридПрес