Скопје, 22. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за култура и туризам денеска го објави Конкурсот за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2025 година“.
– На Конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во Македонија, со исклучок на Град Скопје, и општините во Градот Скопје. Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на Националниот портал за е-услуги, почнувајќи од денес, 22-ри ноември 2024 година, во 14:00 часот, заклучно со 22-ри декември 2024 година во 14:00 часот. Техничките упатства и поддршката при регистрирањето и процесот на аплицирање, корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата на uslugi.gov.mk, како и преку контакт-центарот на овој национален портал за е-услуги. Еден од приоритетите на Министерството за култура и туризам е унапредување и достапност на македонската култура, а со проектот „Град на културата“ се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините низ државава, информираат од министерството.
„Град на културата“ во 2024 година беше Крива Паланка, која во текот на целата година презентираше богата програма и издржан програмски концепт, со различни жанрови и естетика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес