октомври 3, 2017

Охрид, 3. октомври (ОХРИДПРЕС) – Во селото Црвена Вода во Општина Дебрца, денеска, беше одбележана 74-та годишнината од издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и други значајни настани случени во селото во 1943 година.

Прославата се одржа пред Спомен училиштето, каде, пред 5 години, со ангажман, на активисти на Општинската организација на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца – продолжувачи на славните традиции, односно Организацијата на Ветераните од војската и полицијата, беше отворен Спомен-дом, во кој  е презентиран фото материјал и документи.

Истата година, отворена е Спомен соба на писателот Ванчо Николески, основоположник на македонската детска литература.

Венци положија претставници на Општинската организација на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца, Организацијата на ветераните од војската и полицијата, градоначалникот на општина Дебрца Игор Трајкоски, кандидатот за градоначалник од коалицијата „Живот за Македонија“, Зоран Ногачески, како и од месната заедница на селото.

Пригоден говор, одржа Веле Митаноски, новинар во пензија и член на ОО на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца.

Митаноски, Манифестот, по своето значење, го спореди со Крушевскиот манифест од 1903 година и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ, од август 1944 година.

– Тука во Црвена Вода се донесоа пресвртни одлуки за Македонија, пред се Манифестот на Главниот штаб на чело со генералот Михајло Апостолски. Во него е претставена е платформата на НОБ и македонската државност на Македонија и што е најважно тој Манифест го потпишуваат сите членови на Главниот штаб со полни имиња и презимиња, со што се симнаа сите сомнежи наметнати од тогашната пропагандата дека во Македонија не се борат Македонци, со цел да се минимизира народно–ослободителната борба, рече Митаноски.

borcicrvenavoda2Тој потсети дека, покрај овој настан, на теренот на Црвена Вода се имаат случено и други настани. Пред се`, формирањето на иницијативниот одбор на АСНОМ, изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ, доаѓањето на британската сојузничка мисија, функционирањето на Главниот штаб на ЦК на КПМ од Лопушник во Црвена Вода, првите диверзантски акции и многу други.

– Догодина овде ќе организираме јубилејна прослава. Во таас мисла сакаме да ја обновиме нашата идеја, нашиот предлог до  институциите во Република Македонија, во иднина, создавањето на македонската држава и државност, со сите атрибути на власта и армијата, да ги славиме во ова село и повеќе никого да не молиме, како што е тоа случајот со манастирот „Прохор Пчински“. Општинската организација на сојузот на борците за Охрид и Дебрца, покрена иницијатива, Црвена Вода и Дебрца, да бидат замена за прославата во манастирот „Прохор Пчински“, напомена Митаноски.

Според него, за тоа постојат многу причини:

– Заседанието на АСНОМ е подготвувано токму овде. Овде е формиран Иницијативниот одбор, од овде тргнале делегатите, овде се удрени темелите на македонската државност. Нема потреба повеќе да се молиме и понижуваме. Црвена Вода и општина Дебрца стојат на располагање токму овде да се слави АСНОМ, заврши Веле Митаноски, кој говореше во својство на член на член на ОО на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца, член на ОО на Организацијата на ветераните и претседател на Огранокот за Охрид на Партијата на пензионерите на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука