октомври 23, 2014

Иако сметам дека има многу други работи за кои треба да се зборува, а се поврзани со нашиот град Охрид, сепак со овој текст ќе се обидам да се впуштам во дискусија сé со цел на самите читатели да им се долови и малку интересна дискусија меѓу колумнистите, а впрочем и како историчар се чувствувам повикан од претходната колумна на г-дин Чинговски насловена како „Историјата, мајка на недоразбирањата“.

Токму поради тоа решив да направам еден вид реплика на неговиот текст. На почетокот добро е што се укажува дека се работи за лаички текст поврзан за историјата. За историјата и нејзиното значење има многу дефиниции. Сепак како моја најомилена дефиниција е следнава: Историјата е посебна човекова интелектуална дејност во која човекот се бара себе си, согледувајќи низ минатите настани каков бил, што можел да направи и каде да оди.

На самиот почеток во колумната имаше констатација дека историјата ја пишуваат победниците, па еве едно едноставно прашање, а може да се смета и како размислување… зарем целата историја ни се базира само на војни па оттаму победниците во тие војни пишуваат. Можеби победниците во одреден временски период ги толкуваат настаните на нивен начин, но тоа не значи дека ја толкуваат Историјата. Историјата е процес, време, и ги опфаќа сите сегменти во едно општество, таа не опфаќа победници или поразени туку цел процес на тоа како се случило еден да биде победник, а друг поразен. Главно мото е дека Историјата се пишува или ако сакате се базира врз факти, (докази) слично или исто како во правото. Историјата е посебна форма на мислење или на познание со сопствен определен предмет, при што во нејзиното постоење и нејзиното толкување е поврзано со онтолошко и експликативно ниво на минатото. Тоа што се случило како настан, појава, процес и сл, останува како факт засекогаш, односно ИСТОРИСКОТО е НЕПОБИТНО и НЕПРОМЕНЛИВО, но се променува толкувањето за него, погледот, перспективата селекцијата на она што ние мислиме, но исклучиво само врз мноштвото на факти.

Пишувате дека во нашата земја скоро секој медицинар толкува право, докторот – историја, земјоделецот некоја друга професија и слично. И? Зарем не треба тука правото да реагира и впрочем кој е тој што ќе го земе здраво за готово тврдењето на медицинското лице за историја и обратно и сл. Овде ќе цитирам еден мој драг проф. Драги Ѓеорѓиев кој се нашол во едно друштво и како по инерција станало збор за историска тема при што најгласен бил докторот и впрочем ги убедувал луѓето за одредена историска личност во целост занемарувајќи го историчарот: На крај професорот му рекол: Почитуван докторе, многу внимателно ги слушав вашите дијагнози и со сигурност но и со жалење морам да констатирам дека Вашиот историски пациент е мртов!

Исто така нешто што не е по мој терк, а е дел од колумната на г-дин Чингоски е укажувањето кон генерализацијата и немање на објективен пристап кон проучувањето на историјата туку дека тој пристап е пристрасен. Ова е доста сериозно обвинение кое сепак нема да го земам за сериозно! Прво неможете да генерализирате историчари, второ секој историчар зад својот реферат и истражување мора да прикаже факти, документи а тука нема пристрасност. Еве на пример јас би сакал да бидам пристрасен и да кажам дека Охридското востание е само Охриѓани (како локал патриот), но тоа не е така, тука учество има и стружани, кичевчани (македонци и албанци).
Баш многу често сум го размислувал ова: Охридското востание благодарение на младите генерации и новиот општествен систем од 1991 година го виде својот ден. Пред тоа многу ретко т.е скоро никој не се осврнуваше да зборува за српскиот окупатор од 1913 година. Кој и да зборувал за такво нешто бил прогласен за државен непријател иако за сите тие настани постоеле историски факти. Каде е тука правдата кога некој кажувал нешто што навистина историски постоело. Дали според овој случај можеме да констатираме дека Правдата е слепа кога е Историјата во прашање!

Ранке во 1830 година ќе рече: Задачата на историчарот е „едноставно да покаже како навистина било“ т.е. најнапред утврдете ги фактите, а потоа од нив извлечете ги своите заклучоци (слично со правото). За одредените настани и случки кои ги кажувате како примери би сакал да дискутирам во секое време, но за тоа ќе ни биде и тоа како потребно повеќе простор бидејќи би било несериозно од еден историчар да дискутира само по неколку реченици за настани за кои што се пишувале томови и томови книги. Тогаш би покажал непрофесионалност, а кога се работи за историјата како моја професија и тоа како сум строго професионален.

На крај ќе завршам со вашиот почеток. т.е велите Историјата е мајка на недоразбирањата – во целост ја отфрлам оваа теза. За тоа што é историјата би сакал да посочам неколку дела и тоа од Едвард Халет Кар со наслов „Што е историјата“, во која стои: „Се ова што се случува се има случено во минатото па оттаму историјата може само да биде водилка кон решавање на одредени недоразбирања“ слични констатации стојат и кај нашите автори Виолета Ачкоска и Даринка Петреска во книгата со наслов „Осознавање на историјата“.

Со цел респект,
Никола Митровиќ – Бабе

реакција на: Чингоски – Историјата, мајка на недоразбирањата

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука