октомври 23, 2014

Времето е лек за се, тоа е нешто најдрагоцено но исто така и нешто што најмалку го цениме. Времето може да биде наш учител, наш предизвик. Особено го цениме ние историчарите бидејќи времето за нас е записник на случки и настани.

Овој текст е инспириран од една случајна средба со наш повозрасен виден сограѓанин! Времето го направило да биде мудар, да биде искрен и многу често да размислува за минатото. Неговите поизминати години не му дозволуваат да јаде што сака (мора здраво да се храни), да не излегува кога сака (внимава дали е многу жешко или студено), да не се облекува како сака  и сл.

Ми рече: се чувствувам ограничен во овие години, а сакам да направам толку многу работи. Рече дека го сака премногу Охрид и дека токму нашиот град е еден од најубавите градови за луѓето во поизминати години. Секојдневието му преставува прошетка покрај езерото, седејќи на клупите во паркот и дружејќи се со своите врсници. Рече дека му недостасува да има отворен простор за шах (еве една идеја до Локалната самоуправа да се направат улични шаховски табли за љубителите на шахот) и дека му пречи големата урбанизација. Вели: Воздухот не е ист како порано, изменет е.
Зборувајќи за своето минато зборуваше и за своите грешки, жалеше за одреди животни потези, на некои беше исклучително горд. Денес има 6 внуци кои се негова гордост и времето поминато со нив му е најдрагоцено. Вика: живеам од една до друга средба со моите внуци.

Сепак, она што ми остави впечаток од овој разговор се следниве работи:

Прво, повозрасниот мој сограѓанин се пожали на тоа дека младата популација не е заинтересирана за слушање совети од повозрасните. Совети кои произлегуваат од самиот живот бидејќи човек во години вика е Паталец а не Гаталец. Тој зборува од животно искуство и неговите совети се темелат од сопственото видување. Животното искуство од некого може да биде поука за некого.

Второ а ѝ она што е главна инспирација за овој текст е следново:

Ми раскажа дека при втората посетата на Јосип Броз Тито во Охрид  (1967) тој бил младо момче и дека со неговиот дедо биле да го поздрават. При една средба со непосреден контакт со Тито бил запрашан неговиот дедо: Како е, како се живее сега со развиено земјоделие, реформи и сл. на што дедо му одговорил… Добро е, но порано беше поубаво. Тито зачуден уште една продолжил со својот начин на зборување…. Еве гледам имате асфалтирани улици, станови кои се општествени и кои се даваат на оние на кои се најпотребни и сл. Неговиот дедо го дал истиот одговор… Добро е, но порано беше поубаво. Тогаш Тито вчудоневиден од ваквите одговори запрашал…па што било поубаво порано…а Старецот рекол: Друже Тито, порано беше поубаво бидејќи бев помлад. На ваквиот одговор сите слатко се насмеале.
Денес мојот повозрасен соговорник ми ги кажа истите зборови: Понапред беше поубаво бидејќи бев помлад и поради ништо друго рече (повторувајќи ги истите зборови од неговиот дедо).

Сакаше да се врати времето, да ги исправи сопствените грешки, да го направи својот живот полесен и поубав. Но исто така знаеше дека доколку се врати низ времето знаејќи како да постапи со одредени животно одлуки нема да бил толку богат со искуство и ќе немал толку животни искуства да може денес да им пренесе на неговите внуци и на младата популација. Единствено вели: Би го вратил Времето за нашиот град, да смениме нешто од неговото минато, да не беше толку задолжен и урбанизиран. Но се надеваше на подобро.

Исто така рече: Убаво е да сакаш да го вратиш времето а за тоа најглавна причина да биде само младоста, а не исправаќањето на животните грешки бидејќи најубаво е такви грешки да не постојат ниту во минатото ниту во сегашноста или иднината.

Да учиме од грешките  направени во минато и да не дозволуваме да се прават во сегашноста нити во иднината барем кога се работи за НАШИОТ ГРАД ОХРИД.

Верувам и МОРА да е така.

Никола Митровиќ – Бабе

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука