октомври 23, 2014

Охрид, мојот град, мој почеток, мојата светост, мое минато, моја иднина, и мој крај! Се мое é и ќе биде поврзано со овој град. Од тука сум започнал сé, од првиот мој чекор до денес и нема да дозволам некој да ја одземе мојата иднина во овој град.

Во еден живот многу важни се спомените, оние убавите те врзуваат уште повеќе, лошите спомени најчесто те прават поцврст и те тераат да продолжиш понатаму. И кога сé ќе се сумира повторно се доаѓа до Охрид и неговата улога во нашите животи. Животот можеби не може да се измери со тоа колку чекори си направил, но и тоа како може да се обележат местата кои ни значат  и низ кои сме чекореле во Охрид и обично секое такво  место не потсетува на разни случувања од сопствениот ни живот.

Од друга страна Охрид е град кој покрај неговото препознавање со вистинска природна убавина, богата историја има и свои препознатливи белези. Еден таков белег секако дека е ѝ oхридската калдрма. Повозрасните знаат да речат: „Секој камен од oхридската калдрма има своја приказна“, не се сомневам дека е така впрочем и јас знам по некоја од тие приказни. Во овој текст нема детално да се осврнам на овај oхридски белег, на неговиот историјат и слично, туку ќе го земам за пример и преку симболика би сакал да доловам некои секојдневни случувања.

Мора да се признае, чекорењето по калдрмата не е едноставно, за тоа мора да има одредена техника и при тоа особено е значајно  држењето рамнотежа, вешто избегнување на нерамнини испакнати и лизгави камења и сл.
Како најголем контраст за нелагодното движење по калдрмата е лагодното движење по црвениот тепих. Чекорејќи низ црвен тепих најчестото чувство е грациозност и уваженост. Но притоа мора да се знае на неколку мали, но и тоа како  значајни работи – црвениот тепих не е прикладен за друга облека освем класична. Таму можете да бидете само оној во одело и кравата со лакирани кондури или во свечена тоалета и дека таму можете да бидете само во одреден временски период, односно најчесто многу кратко време.

Од друга страна, движејќи се по охридската калдрма чувствувате едноставност, комотност и сопствена елоквентност. Таму можете да чекорите со забрзан или со забавен чекор и да се задржите колку време сакате. Да бидете облечени на свој начин. Можете дури и да се сопнете на некој испакнат камен од калдрмата (најчесто се случува) а сето тоа да изгледа симпатично и проследено со благопријатна насмевка без срам. А само да замислам што би се случило доколку се сопне некој на црвен тепих. Компаративно, ваквиот пристап секој треба да го има во нашиов град, да знае кога треба чекори по црвен тепих а кога да оди по калдрма. По калдрма секогаш си свој, минувајќи низ неа можеш да го осетиш минатото, своето детство, својот плач но можеш да ги согледаш и твоите визии за иднина, а по црвениот тепих немаш време за такво нешто, мораш да внимаваш, да си фокусиран и да се движиш во одредено време со одредени луѓе по одреден протокол.

Дел од Охридската калдрма денес ја нема, а дел посебно низ стариот дел на градот стои како сведок на едно време. За жал низ времето на неколку наврати е санирана, морам да констатирам несоодветно од типот опкружена со друг вид на камен, колку само да се каже: „Еве се поправа“, но треба да се знае дека Калдрмата не треба да се санира само провизорно, бидејќи тој камен повторно ќе се разниша и најчесто повторно ќе биде изваден од композицијата. Исто така треба да се знае на местото од извадениот камен да не се поставува друг вид на камен или недај боже бекатон плочка туку ново поставениот мора да биде компатибилен. Верувајте, привремена и импровизирана санација нема да биде прифатена нити од луѓето кои ќе газат по калдрмата, нити од самата калдрма.

Има уште една многу важна работа, а тоа е дека црвен тепих секогаш може да поставите на калдрма, а калдрма на црвен тепих никогаш. Имајќи го ова на ум може да се сфати дека тепихот кога сакате може да го ставите и исто толку лесно да го тргнете од калдрмата. Црвениот тепих е привремен, Охридската калдрма е вековита!

Сите ние на почеток се движиме по калдрмата… газејќи по неа сонуваме да чекориме низ црвениот тепих, на некој можеби и ќе му се оствари тој сон, но секогаш, секогаш треба да се знае дека најпрвин чекорите биле направени на калдрма и секогаш и секој да се навраќа на неа.

Впрочем, ако знаете да чекорите по калдрма (меѓу народот) бидете сигурни дека ќе знаете да чекорите и по црвен тепих, за обратно не сум баш сигурен! Ретки се таквите!

Извинете ме за компаративниот метод и симболиката но морам да истакнам дека јас преферирам да чекорам најпрвин низ калдрма (симболизирајќи ја истрајноста на охриѓани) многу погордо и со крената глава особено ако чекорите се прават низ oхридската калдрма, па макар некогаш и да се сопнам на испакнат камен отколку на било каков црвен тепих а притоа да бидам незабележителен, а Вие?

И за крај би сакал да ги повторам зборовите на еден виден Охриѓанец ,кој по повод празникот Св.Софија, Љубов, Вера и Надеж истакна: Во Охрид не само црквите, туку и калдрмата е света!

За многу години!

Никола Митровиќ – Бабе

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука