Сметам дека минатото може да не научи на многу нешта, впрочем многу одговори за иднината лежат токму во минатото.
Оттука произлегува светоста да се живее во град богат со минато, богат со историја, настани и случки каков што е Охрид. Град на кој можеме во целост да бидеме горди. Охрид постоел, постои и ќе постои, прашањето е само по што ќе се одликува една генерација и со што ќе се обележи таа генерација во безвременската бесконечност наречена Охрид.
Пред година дена со еден ентузијастички потег младиот но доста искусен режисер Илија Пиперковски со моја асистенција го креира документарен филм посветен на Охридското востание. Замислете документарен филм за Охридското востание… за востание кое многумина не ни знаеа дека се одвивало (ова го пишувам од искуство бидејќи многумина ме прашуваа), востание кое се одвивало во нашиот ни град, востание во кое биле иволвирани нашите предци, востание кое може слободно да се споредува со Илинденското востание. Востание кое овозможило слободна територија па дури и привремена влада на чело со сограѓанинот Лев (Леон) Огненов. Додека сме кај Лев Огненов како историчар сметам дека треба да се направи биста во Охрид на овој охридски револуционер се со цел помладите генерации да се запознаат со неговиот лик и дело. Пред промоцијата на документарниот филм уредно беа повикани сите медиуми и благодарение на нив успеавме уште повеќе и поблиску да им го доближиме Охридското востание на охриѓани. Уште повеќе беше значаен периодот бидејќи минатата 2013 година беше стогодишнина од ова востание. Токму поради тоа во Охрид се организираше ѝ научен собир со видни историчари од македонска и албанска националност во кој беа прикажани различни дискусии но со еден единствен заклучок: „Мора да се поклонуваме пред храбриот и херојски подвиг на нашите сограѓани, поклонение кон сите учесници во ова востание“.
Ми преставуваше огромна чест да бидам дел од организацијата но и дел од говорниците на овој собир при тоа токму осврнувајќи се на жртвите од Охрид при задушувањето на Охридското востание. ( но за тоа во друга прилика). Од научно историскиот собир со особена гордост можам да ја најавам промоцијата на Зборникот за Охридското Востание и во нашиот град. Преку медиумскиот етер јавноста навремено ќе биде известена за местото и времето на одвивање и воедно се надевам на огромен број посетители.
Оваа година датумот на Охридското востание помина незабележително, на исти начин помина и датумот на неговото задушување и датумот на стрелањето на видните Велгоштани како освета на српските окупатори. Искрено незнам зошто е тоа така, но знам дека за Охридското востание оваа година направив сé во моја можност за зборникот да биде промовиран во нашиот град а со тоа на некој начин (иако задоцнето) да му се оддаде почит на овој херојски подвиг и на сите оние кои ги положиле своите животи во Охридското востание.
Слава им!
Никола Митровиќ – Бабе
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.