Струга, 17. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Александар Михајлоски, од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, порача од Струга дека партијата мора заеднички и што поскоро да ја вратат во вистинската насока и да работи за народот бидејќи, според него, ВМРО-ДПМНЕ била и ќе остане народна политичка партија.
Тој вели дека во последниве години партијата застранила од вистинските вредности.
– Тоа што се случуваше изминатите години, тој елитизам и тоа затворање и носење на одлуките од страна на централата во партијата беше целосно застранување од она за што беше основана и етаблирана партијата. Ние како иницијатива сакаме да ги вратиме тие вредности во ВМРО-ДПМНЕ, додаде Михајлоски.
Михајлоски рече дека тие секој ден кампањата ја водат низ градовите и селата во цела Македонија. Тој не најави активности што се во врска со претстојните локални избори бидејќи не им биле во фокусот на нивното дејствување.
– Времето за иницијативата за реформи доаѓа навреме бидејќи после неколкугодишни неуспешни политики на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, партијата со освоени 51 пратеник 2 пратеници повеќе од СДСМ, не успеа да формира парламентарно мнозинство и да ја формира Владата. Тоа беше единствено поради погрешните политики што се водеа изминативе три години и во моментот кога веќе беше јасно дека тие политики доживеаја целосен неуспех, тоа е моментот кога ние како членови, станавме и имаме право да побараме од тој што ги водел тие неуспешни политики, тој што го донесе победничкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ и ја однесе ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, да побараме одговорност, рече Михајлоски во своето обраќање.
Михајлоски вели дека секој ден сè повеќе и повеќе членови се приклучуваат кон реформската иницијатива. Вели дека посебно го радува и го охрабрува тоа што вчера пратениците од првиот парламентарен состав на ВМРО-ДПМНЕ, луѓето кои ја основале партијата, потпишале декларација за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ и што дале поддршка за реформите. (Крај)
извор: Макфакс фото: Макфакс