Охрид, 31. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Laigo е пионерска компанија за вештачка интелигенција основана во 2022 година во германскиот град Фридрихшафен. Специјализирани се за обезбедување модели и алатки за вештачка интелигенција за малите и средни претпријатија, помагајќи им да стекнат конкурентна предност во нивните соодветни индустрии.
Нивна визија е алатките за вештачка интелегенција да бидат достапни за сите бизниси.
Компанијата има единица и во Република Македонија. Со Мери Мицкоска, раководител за продажба, разговаравме за компанијата, кои се целните групи клиенти, но и колку се задоволни од досегашнит одзив кај македонските фирми.
Супер радио: На почетокот ќе нѐ запознаете со самата компанија, од кога постои и за што сте специјализирани?
Мицкоска: Ви благодарам за поканата. Laigo е Германска компанија која е прилично нова на пазарот – постои од 2022 година и верува дека вештачката интелигенција треба да е достапна за користење на сите софтверски бизниси. Имено, специјализирани сме како AI услуга и верен партнер на софтверските бизниси за поедноставување на обработка на документи.
Супер радио: Работите и кај нас. Зошто е избрана токму Македонија?
Мицкоска: Македонија е земја која што има квалитетен IT и AI кадар, но исто така е и погодна како стартна точка за проширување на свеста за тоа што го нуди вештачката интелигенција како алатка за секојдневото работење. Со оглед на тоа дека макотрпното – мануелното внесување на податоци станува минато, Laigo е тука да понуди најлесен, а и истовремено најпристапен сервис. Замислете работата на која бизнисите мора да трошат многу време, сега ќе биде завршена за неколку секунди – тоа е продуктивност 90% плус. Е па, ајде да сме продуктивни!
Супер радио: Која ви е целна група клиенти?
Мицкоска: Нашата целна група се софтверски бизниси како ERP – Систем за планирање на ресурсите во претпријатието, Софтвер за сметководство – но ќе додадам дека каде што има документи, таму е и Лајго. Ние им даваме супермоќи на софтверите, со тоа што ги правиме да станат покомпететивни, поефикасни и истовремено да можат да услужат повеќе клиенти со истите ресурси.
Супер радио: Кои се бенефитите што клиентите ќе ги добијат, што е кај вас поразлично од обичните софтвери?
Мицкоска: Многу сметководствени фирми не можат да прифатат повеќе клиенти бидејќи едноставно не можат да најдат доволно сметководители за да обработат повеќе податоци.
И тука лежи вистинското богатство со кое што располагаме ние – со користење на Лајго smartTools, сметководителите кои го користат софтверот на нашите клиенти – повеќекратно ќе го намалат времето потребно за завршување на книговодството. Така ќе можат да примат повеќе клиенти без потреба да ангажираат дополнителен персонал, и поголема премија за нашите клиенти.
Супер радио: Кажете ни нешто повеќе за вашите smartTools.
Мицкоска: Нашите smartTools се софтверски решенија создадени со помош на вештачка интелигенција, чија цел е да ја подобрат функционалноста на постоечкиот софтвер. Овие алатки имаат низа способности меѓу кои скенирање и дигитализација на податоци од фактури, сметки и други документи што може да бидат адаптирани на тоа што и е потребно на секоја компанија поединечно. Ние имаме шест готови smartTools модели кои што се занимаваат со разни видови на процесирање на податоци, а за повеќе ве поканувам да го разгледате сајтот www.laigo.ai или да не контактирате директно.
Супер радио: Секако важен е и финансискиот надомест што треба да се одвои
Мицкоска: Имаме разни планови за тие кои што сакаат да добијат пристап до веќе готовите алатки, кои што може да се видат на самиот сајт. Но, за нашите клиенти кои што нудат софтверски решенија, имаме индивидуален пристап по уште поатрактивни цени. Лајго како сервис за вештачка интелигенција ги има најдобрите цени на пазарот, не само тука туку и надвор од Македонија.
Супер радио: Уште еден важен сегмент е безбедноста на податоците. Како го третирате ова прашање?
Мицкоска: Безбедноста на податоците на нашите клиенти е екстремно важна. Го почитуваме Европскиот закон за заштита на податоци познат како GDPR, а нашите сервери се наоѓаат во Германија.
Супер радио: Со оглед на тоа што работите и во Македонија, колку сте задоволни досега, каква е реакцијата кај домашните бизниси за нешто вакво?
Мицкоска: Иако вештачката интелигенција како концепт е прилично нова на пазарот кај нас, а Лајго со своите smartTools или на македонски, паметни алатки, е уште понов, сепак можам да кажам дека постои голема заинтересираност и веќе имаме клиенти, а моментално преговараме со низа други домашни компании. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива