Скопје/Охрид, 11. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги објави носителите во изборните единици за парламентарните избори закажани за 8-ми мај 2024 година.
Како што претходно најави, Мицкоски ќе ја предводи пратеничката листа во изборната единица еден.
Во „двојката“ носител ќе биде потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во третата изборна единица пратеникот Драган Ковачки, во четвртата уште еден потпретседател, охриѓанецот Александар Николоски, додека почесно место во изборната единица шест ќе има пратеничката Дафина Стојаноска.
За носител на изборната единица пет, како што најави Мицкоски партијата ќе донесе одлука денеска, а според информациите во јавноста, таму се „вртат“ три имиња, генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски, како и градоначалниците на Битола и Охрид, Тони Коњановски и Кирил Пецаков.
Крајниот рок за поднесување на листите до Државната изборна комисија е втори април 2024 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива