Охрид, 23. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот празник нѐ потсетува на тоа како е создадена нашата слобода, колку жртви и колку упорност и храброст е потребна за ова што го имаме денес. Во таквата слобода се вградија плејада на жени и мажи кои предано и без задршка се трошеа за она во што непоколебливо веруваа и сонуваа, порача денеска од Охрид првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Таквата борба ги дефинираше нивните животи, но и ја одредуваше нашата иднина. Ова што го имаме денес не е плод на борбата на само една успешна генерација, туку саможртва на цела низа на генерации кои се бореа, гинеа, и одново се раѓаа нови јунаци кои продолжуваа таму каде потомците застануваа. Уште само еден чекор нѐ дели од она за кое сите заедно сонуваме. Ништо не е невозможно. Победата е на дофат. Излезноста е клучот. Тие сакаат да наведнете глава, ние велиме – Гордо напред и главата горе. Да покажеме дека промените се можни и дека тие не се ништо друго освен вашата сила и неумолива волја, надеж и стремеж за подобра, нова иднина… Затоа што вие и само вие сте силата на Македонија. А ние вашиот глас и борец за вашите права. Македонија е жива, а ќе биде и напредна и силна. Затоа што Македонија била и ќе остане да биде вечна, истакна Мицкоски.
Тој се заблагодари на секоја една охриѓанка и охриѓанец, кои ја дадоа поддршката во првиот круг.
– Сега повторно ја барам поддршката во вториот круг, затоа што искрено верувам дека д-р Кирил Пецаков е вистинската одлука за промени, проекти и победи во Охрид, потенцираше Мицкоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива