Охрид, 24. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Kога нема мудрост и разбирање за национално единство кај носителите на власта, тогаш јас повикувам на единство на народот и национално обединување, порача првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на свечената академија по повод 24-ти мај од Охрид.
Тој изрази подготвеност тој да биде носител на националното обединување, a неговата партија да биде како што Светите браќа Кирил и Методиј се нашата светлина, нашиот прозорец кон светот, нашето непроценливо богатство кое со голема надеж и со огромна волја и го предаваме на човештвото. Свети Кирил и Методиј оставиле дело кое не само што е пред времето, туку еден милениум подоцна го победува времето и останува да свети пред луѓето.
– Тие му припаѓаат на цивилизираниот свет, и ние како нивна колевка, како и земја и народ од кој потекнува тоа семе, овие просветители целосно се согласуваме да се слават од сите народи во цивилизираниот свет на кој му подарија слово, букви, писменост и просветление. Но воедно, дозволете да бидам подеднакво гласен и да не се согласам со ирационалноста на политиката на источниот сосед кој негира секаква наша поврзаност со овие свети браќа и нашето човечко и цивилизациско право да се потпираме на нивното дело и да полагаме право на нивното наследство. И во тие нивни негаторски политики не само што нема никаква историска поткрепа, туку се повеќе станува очигледно дека нема темел на кој се потпира оваа Македонија и народ кој не сакаат силно да го затресат, рече Мицкоски.
Тој додаде дека не го остава рамнодушен е тоа што првенците од власта остануваа молчаливи во однос на многу отровни стрели и пропагандни пораки на источниот сосед.
– Лошата вест е што врхушката на општеството е фрагментирана и драматично поделена за сите прашања и теми за кои мора да постои единство. Сите мои предупредувања и повици за национално единство за важните теми за Македонците за жал се одбиени од другата страна, а кога постои неединство, тие кои го сакаат туѓото, единствено ја користат таквата необединетост. И кога нема мудрост и разбирање за национално единство кај носителите на власта, тогаш јас повикувам на единство на народот и национално обединување. И воедно ние како политичка партија и јас лично ја прифаќаме улогата да бидеме на браникот пред сите налети на национално обезличување, опустошување и обезличување, порача Мицкоски.
Според него, не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои, вели тој, работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство.
– Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме, потенцира Мицкоски на денот на сесловенските просветители.
Тој уште еднаш го повтори партискиот став дека наместо национални отстапки, Македонија мора да се посвети на внатрешните реформи упатувајќи порака дека неговата партија нема да даде поддшрка за уставните измени.
– Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство. Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме. Ова е Македонија за сите. Македонија која е нашиот единствен дом, порача Мицкоски
Опозицискиот лидер вчера предупреди дека власта готви подлабоки промени на Уставот кои ќе ја направат Македонија бионационална држава, позиција која во СДСМ ја оценија како глупост. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива