јануари 30, 2015

Охрид, 30. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Цветан Мицкоски е годинешниот фаќач на чесниот крст во осветените води на Охридското Езеро на празникот Водици. Вели, ништо не се сменило по фаќањето на крстот, освен што го препознаваат луѓето.

Цветан е електро-инженер, кој освен животната професија работел и во туризмот во соседна Грција. Судбината ме одведе и во Грција, но сега мојата среќа не е во парите, туку во радоста со синовите Петар и Кирил, вели во интервју за OhridPress и Супер радио Мицкоски.

Супер радио: Како се чувстствувате откако го зедовте чесниот крст во вашите раце за големиот христијански празник Богојавление-Водици во Охрид?

Мицкоски: Пресреќен сум. Секоја година скокам за здравје уште од четврто одделение. Имам обичај секоја година да истрчам на пристаниште кај тој што ќе го фати крстот, да го бакнам крстот и да му честитам на среќниот фаќач. Можеби сум и по малку суеверен, но така  се чувствувам здрав преку целата година.

Оваа година имав среќа јас да бидам првиот што ќе го извади крстот од осветените води на Охридското Езеро. Да Ви кажам искрено, потајно се надевав дека ќе го фатам. Случајно, Господ ми го подари токму мене. Бев меѓу првите, но во еден миг се откажав бидејќи си помислив дека нема надеж да го фатам. Се повлеков наназад, но случајно, дали од големата гужва или од нешто друго,  крстот се врати две-три метри нанзад и ме допре.

Супер радио: Се изнаслушавме еден куп муабети околу фаќањето на крстот. Имаше и такви кои велеа дека некој од нуркачите го фатил крстот па Ви го дал Вам. Други негодуваа бидејќи не го фатиле крстот тајфите од Варош?

Мицкоски: Нуркачите како и секоја година,го прашуваат секој од капачите како се чувствува, дали му треба помош. Тоа е нивната задача. Јас крстот го фатив по една минута или за помалку од една минута. Видеото од локалната ТВМ покажува дека сум го фатил за помалку од една минута. Крстот се фрла на левата страна, а од другата беше нуркачот кој ме допира, тоа е мојот другар Дејан од Далјан. Планирав да го извадам крстот на брегот каде што останаа и другите капачи кои не стигнаа до него, но се искапија за здравје. И јас скокам секоја година со мојата тајфа од Далјан. Која е веројатноста, мојот другар да го фати и да ми го даде мене крстот?

Инаку, коментарите лично не ги слушав, ниту ги прочитав, туку ми кажуваа другите.Јас сум премногу задоволен од старите фаќачи на крстот, од луѓето во Варош, никој не ми рече ниту еден лош збор мене. Е сега, за новинарите, ако не е нешто добро тогаш е многу повеќе читано и затоа произлегоа некои изјави како што кажаа на пример дека сум заминал во Белчишта. Една национална телевизија побара интервју со мене во 16:00 часот, но нам ни кажаа да поминеме колку што е можно повеќе куќи во градот додека не се стемни, па така го откажав интервјуто. Вечерта дома слушам на вести, телевизијата кажа дека сум заминал во Белчишта за да славам со другарите.

Супер радио: Со оглед на тоа дека сте скокале во осветените води на празникот Водици, но никогаш не сте стигнале до крстот, Ви се веруваше ли дека тој е сега во Вашите раце?

Мицкоски: Кога го фатив си помислив, „леле конечно ми се оствари желбата“. Си имав зацртано цел, да излезам надвор од водата, но не се воздржав и го покажав крстот порано.

Супер радио: Што се смени кај вас по овој свет чин на најмасовниот православен христијански празник во јануари?
Мицкоски: Ништо посебно не се смени, освен што сега луѓето ме препознаваат од телевизијата и ме поздравуваат. Инаку сите скокаме на 19.јануари во осветеното езеро за здравје.

Супер радио: Вие сте голем верник?

Мицкоски: Да, сум. Свети Никола е мојата семејна слава. Го одбележуваме и Влегувањето на Исус Христос во Ерусалим-празникот Цветници кој е мој именден. Мојот син се вика Петар па го славиме и Петровден, а ќе го одбележуваме и именденот на мојот помал син Кирил.

Супер радио: Сте се поколебале ли некогаш при скокањето во осветените води во годините кога имало екстремно ниски температури и на водата во Охридското Езеро и на воздухот во Охрид?

Мицкоски: Врнело и снег и дожд, и небото ќе се отворело, но јас никогаш не сум се поколебал. Оваа година, за волја на вистината, долго размислував дали да скокам или не, но ми беше страв, мислев дека ако не влезам во осветената вода ќе ми се случи нешто лошо. Знаете, тоа е обичај, традиција која  јас ја почитувам со години наназад. Два-три дена пред празникот секогаш ми се јавува некаква возбуда и штом скокнам во осветената вода како да ми се смирува душата.

Супер радио: Какви беа контактите со кумовите. Еден од нив е голема балканска естрадна ѕвезда?

Мицкоски: Сосема коректни беа кумовите. Средбата со нив беше формална. По фаќањето на крстот ме повикаа на ручек. Ми подарија сребрен крст со позлата кој ќе остане во сеќавање и во спомен на моите деца и на генерации потоа. Прекрасно поминавме.

Супер радио: Дали до година повторно ќе скокате во Охридското Езеро за Водици?

Мицкоски: Ќе скокам, но заедно со мојот четиригодишен син Петар, и тоа само во плиткиот крајбрежен дел. Ќе с еискапиме за здравје, но нема да пливаме по крстот. Тоа им го препуштам на оние кои досега не успеале да стигнат до него.

Супер радио: Кој е Цветан Мицкоски во приватниот живот?

Мицкоски: Јас сум електро-инженер по професија. Моментално работам во ДАСС-Инеженеринг, а претходно шест години работев во туризам во Грција. Потоа се вратив, се оженив и останав во Охрид.

Супер радио: Што Ве однесе во Грција. Борбата за подобар живот или…

Мицкоски: Заработката ме одведе таму. Тогаш бев студент на факултетот во Битола и преку лето одев во Грција. Научив јазик, многу лесно се заработуваше. Шест месеци останував таму, а во зима се враќав назад. Така шест години додека не се оженив. Сега среќата не е во парите, туку во радоста со моите деца.

cvetanmickoskiradio2

Супер радио: Што работевте во Грција и каква паралела би направиле со туризмот таму и кај нас?

Мицкоски: Охрид има многу добри школи, но со работењето во практиката има огромна разлика. Таму развиваат светски туризам. Има подготвени менаџери што за две седмици те прават професионален келнер или професионален рецепционер. Голема е разликата. Таму има редовен туризам, а кај нас има 40 дена туризам. Но како луѓето излегуваат надвор, доста работи попримаат и носат овде, кај нас.

Ме прашавте што работев во Грција. Работев во хотел со пет ѕвезди на остовот Миконос. Почнав како келнер, носач на кофери, а потоа и грум, рецепционер. Имам лиценци од хотели кои имаат три до пет ѕвезди.

Супер радио: И сега кога би направиле паралела, што Ви изгледа полесно, инженерството или туризмот?

Мицкоски: Ми лежат и двете работи, но полесен е туризмот. Доколку би имал финансии би отворил и свој ресторан, ама и фирма сврзана со мојата професија.

Супер радио: Кои нешта надвор од она што сте го работеле како професија Ви го прават животот поспокоен?

Мицкоски: Јас сум водолија во хороскоп. Сакам да пливам. Исто така сум одел на лов, а сега хит ми е риболовот. Одам претежно на блинкер. Тоа многу ме смирува. Максимално. Мислиш само каде да го фрлиш блинкерот, дали нешто загризало, а околу тебе природа на која не можеш да и одолееш. Во Дебрца има многу брзи реки со пастрмка и таму го слушаш само шумолењето на водата и го гледаш зеленилото.

Супер радио: И сосема на крајот од интервјуто, дали би имале нешто да им порачате на охриѓани?

Мицкоски: Јас би сакал само да им се извинам на сите оние граѓани кај кои не успевме да стигнеме со крстот. Од црквата „Свети Никола –Геракомија“ ни дадоа само три крста со кои влегувавме во домовите. Одевме колку што можевме. Но со собраните пари ќе купиме уште табаки и крстови за да има повеќе групи кои ќе влезат во што е можно повеќе домови  на охриѓани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука