Охрид, 18. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Промените во Охрид се чувствуваат, многу проекти се реализирани и се решени долгогодишни проблеми на охриѓани, порача денеска од Охрид првито човек на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Христијан Мицкоски.
– Навистина еден импозантен градежен зафат кој што можеби и со децении досега не бил случен. И овие проблеми кои што сега се решаваат се проблеми кои што со години стоеле нерешени. Но, еве благодарение на градоначалникот, благодарение на администрацијата тука, советниците во Општина Охрид, многу од овие проекти се отпочнуваат и ќе бидат завршени, многу ќе бидат и отпочнати и ќе бидат завршени.
Јас навистина можам да им честитам тоа што нѐ прават нас горди, го прават Охрид, охриѓани и ги решаваат акутните проблеми. А, само така со проактивна, храбра улога можат да бидат надминати сите проблеми кои што за жал со децении биле напластувани и некако се бегало од нивно решение, потенцираше Мицкоски.
Тој напомена дека само така треба да продолжат и дека на тој начин можеме да ја разбиеме онаа теза дека сите се исти.
– Напротив, можеме само да кажеме дека на ваков начин и те како постои разлика помеѓу тоа што вие го споменавте, луѓето кои што само крадат, а тоа се луѓето во Владата на ДУИ поддржана од тоа малку што остана од СДСМ, и луѓето кои што се од ВМРО-ДПМНЕ односно градоначалниците кои што градат. Така што разликата е огромна и таа разлика ќе ја покажеме на дело уште повеќе поинтензивно, подинамично веднаш по формирањето на новата Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, додаде Мицкоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива