Охрид, 11. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Младинската Академија, настан наменет за младите кои се активни во граѓанските организации, ќе се одржи за време на Велигденските празници од 13 до 17 април во Извидничкиот Центар за обука во Охрид.
Ќе учествуваат 50 млади на возраст од 16 години и повозрасни. Целта е претставување на поголем диверзитет и присуство на млади од повеќе организации – извиднички одреди.
Избраните кандидати ќе треба на настанот да донесат материјали со кои ќе ја прикажат работата на својот одред – организација (проекти, флаери, презентација).
Младинската Академија ќе им овозможи на младите да се стекнат со вештини кои се исклучително важни за повеќе сегменти од водењето на организација, водење на иницијатива или било каков процес за акција. Преку здобиените знаења и вештини младите ќе бидат подготвени да бидат лидери во организациите како и лидери на промена во општеството. Обучувачи ќе бидат докажани младински работници и тренери од Сојузот на извидници на Македонија, Националниот Младински Совет и Европскиот Извиднички Регион.
Младинската Академија е настан од проектот на Сојузот на Извидници на Македонија, „Извидниците за активно општество“, кој е финансиран од програмата Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ) од Шведска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива