мај 3, 2018

Охрид, 3. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – 12-годишниот Александар Дуклески, ученик во VII одделение во ОУ „Дебрца“ во селото Требеништа е вистински мајстор во склопување на познатата Рубикова коцка.

Александар неодамна учествуваше на интернационалниот натпревар „Albanian open 2018“ кој се одржа во Harry Fultz Institute во Тирана, Албанија.

aleksandardukleski1Таму тој собори 6 национални рекорди во склопување на Рубикови коцки во категориите: 3-3 (коцката ја склопи за време од 14,06 секунди), 4-4 (1 минута и 17 секунди) и 5-5 (2 минути и 30 секунди).
Рубиковата коцка се смета за најпродавана играчка на светот. Иако идејата е родена порано, првите примероци во продажба се пуштени пред околу 40 години во Будимпешта. Најпопуларната коцка на светот во основната верзија се состои од девет мали еднобојни коцки на секоја страна, а вкупно ги има 54. Кога боите на тродимензионалната коцка ќе се измешаат, пред вас се наоѓа тешка задача. Според некои пресметки Рубиковата коцка има 43,252,003,274,489,856,000 различни комбинации.

Математичарот Морвен Б. Тистлетвеит смислил комплициран алгоритам, според кој Рубиковата коцка може да се „реши“ со само 52 потези. Во август годинава, научниците од универзитетот во Бостон со помош на компјутери дошле до бројката 26. Засега тоа е најблиску до Божјата бројка, како што се нарекува минималниот број на потези за решавање на Рубиковата коцка.

Image result for рубикова коцка

Историјата на Рубиковата коцка започнува 1974 година, кога идејата за тродимензионалната играчка ја добил кипарот и професор по архитектура Унгарецот Ерно Рубик. Иако својот изум, наречен Магична коцка, го пријавил во 1975 година во Будимпешта, првиот примерок е произведен и пуштен во продажба дури во 1977 година. Во овој подвиг се впуштила унгарската фабрика за играчки „Политехника“ и првите коцки се најдоа во продавниците. Иако немало никаква реклама ниту промоција, Магичната коцка за една-две години стана една од најпопуларните играчки во Унгарија. Набргу интерес покажа и њујоршката фабрика за играчки „Идеал Тојс“, а потоа и Тибор Лаци, Унгарец вработен во германска компјутерска компанија, како и Том Кремер, исто така, успешен иноватор.

Меѓународни натпревари во склопување на Рубиковата коцка се одржуваат секоја година во разни категории. Така, постои категорија на најбрзо склопување на коцката, со превез преку очите, со една рака… Светскиот рекорд во брзо склопување на коцката од неверојатни 4,59 секунди го држи Сеунг Беом Чо, 23-годишно момче, кое минатата година постави нов рекорд во склопување на Рубикова коцка. Рекордот е срушен на натпреварувањето „ЧикаГост2017“ што во октомври минатата година се одржа во Чикаго, САД. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука