Скопје/Охрид, 7. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На традиционалниот концерт „Младите доаѓаат”, кој се одржува секоја година во македонска Филхармонија, настапи талентираниот виолинист Виктор Србиноски, од класата на проф. Елица Рашкова при ООМУ „Методи Патче” од Охрид.
Тој настапи како солист со оркестарот на Maкедонска Филхармонија предводен од маестро Ангел Спироски со концертот за виолина од Д. Кабалевски.
– Од 24 ученици од основните и средните музички училишта во Република Македонија беа избрани само 10, а Виктор беше најмладиот солист. Да се настапува со симфониски оркестар е предизвик, а Виктор на тоа одговори беспрекорно. Му посакуваме блескава концертна иднина, порачаа од училиштето.
Овие концерти се мошне интересни и секогаш оставаат силен впечаток, затоа што носат нова енергија, елан, ентузијазам, младешки дух, и ја најавуваат новата генерација македонски музички уметници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива