април 8, 2017

Охрид, 8. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Црвен Крст Охрид во тек е реализација на националната програма за млади – Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности, која има за цел да обучи младинци на возраст од 13-17 години.

Младите активисти ќе бидат оспособени да пронајдат целна група, да ги истражат потребите на целната група и да изнајдат решенија за да ја остварат целта, конкретна помош и ублажување на страдањата на оние на кои помошта им е најпотребна. Младите организирани во тимови, веќе преземаат конкретни активности за реализација на својата цел.

Еден од тимовите, работи на собирање на средства кои ќе бидат наменети за помош и овозможување на дете од социјално загрозено семејство од Охрид да може да оди со своите врсници на училишна екскурзија.

За таа цел, младите од ПХВ тимот, утре, на плоштадот кај Мини Маркет во 12 ч. ќе организираат настан со хуманитарен карактер Поетско читање. Темата на која ќе се изразат талентирани охридски писатели е „Езеро – рајско убаво“.

– Ги покануваме нашите хумани сограѓани и љубителите на поезијата да уживаме во убавиот поетски збор и да собереме средства (во поставените собирни каси на Црвен крст Охрид), за помош на нашиот млад сограѓанин, апелираат младите од Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука