октомври 16, 2024

Охрид, 16. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Клавирското трио од Охрид, составено од Лина Николеска на виолина од класата на проф. Христина Пецакова Николеска, Антица Николоска на виолина од класата на проф. Мухамед Бајрам и Ана Кузманоска на пијано од класата на проф. Ана Ѓоргиоска, ќе настапат со сопствен концерт на престижниот музички фестивал „Златна лира“.

Правото на настап на овој реномиран фестивал, нашите млади музичари го добија на покана на Сојузот на музички уметници на Македонија, после освоената прва награда на годинашниот меѓународен натпревар „Охридски бисери“, што се одржа во црквата „Св.Софија“ во Охрид.

Концертот ќе се одржи во недела, 20-ти октомври со почеток во 20:00 часот, во Музејот на револуционерна борба во Скопје.

Фестивалот „Златна лира“ важи за престижен и реномиран фестивал на кој учество земаат исклучителни уметници, кои настапуваат со самостојни концерти. Во програмата за оваа година се вметнати врвни инструменталисти и оперски пеjачи, меѓу кои се и нашите млади и талентирани музичарки. Оваа привилегија да ја делат сцената со најголемите имиња од македонската класична музичка сцена, претставува голем успех и можност да се стекнат со огромно искуство, што ќе им користи во нивното понатaмошно музичко образование и кариера.

Ана, Лина и Антица годинава настапија и на меѓународниот фестивал Тартини во Пиран, Словенија, на кој освоија висока втора награда. Тие се вистински претставници на културно-музичкиот живот на Охрид и наши музички амбасадори низ светот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука