Охрид, 20. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Клавирското трио од Охрид, составено од Лина Николеска на виолина од класата на проф. Христина Пецакова- Николеска, Антица Николоска на виолина од класата на проф. Мухамед Бајрам и Ана Кузманоска на пијано од класата на проф. Ана Ѓоргиоска, вечерва ќе настапат со сопствен концерт на престижниот музички фестивал „Златна лира“.
Правото на настап на овој реномиран фестивал, нашите млади музичари го добија на покана на Сојузот на музички уметници на Република Македонија, после освоената прва награда на годинешниот меѓународен натпревар „Охридски бисери“, што се одржа во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Концертот ќе се одржи вечерва, недела, 20-ти октомври со почеток во 20:00 часот, во Музејот на револуционерна борба во Скопје.
Фестивалот „Златна лира“ важи за престижен и реномиран фестивал на кој учество земаат исклучителни уметници, кои настапуваат со самостојни концерти. Во програмата за оваа година се вметнати врвни инструменталисти и оперски пеjачи, меѓу кои се и нашите млади и талентирани музичарки. Оваа привилегија да ја делат сцената со најголемите имиња од македонската класична музичка сцена, претставува голем успех и можност да се стекнат со огромно искуство, што ќе им користи во нивното понатaмошно музичко образование и кариера.
Ана, Лина и Антица годинава настапија и на меѓународниот фестивал Тартини во Пиран, Словенија, на кој освоија висока втора награда. Тие се вистински претставници на културно-музичкиот живот на Охрид и наши музички амбасадори низ светот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива