Охрид, 21. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Клавирското трио составено од Ана Кузманоска (пијано), Лина Николеска (виолина) и Антица Николоска (виолина) во неделата, на 20-ти октомври 2024 година имаа забележителен настап на фестивалот „Златна лира“, кој се одржа во Музејот на револуционерната борба, во Скопје, во организација на Сојузот на музички уметници на Република Македонија.
Младите охридски музичарки изведоа дела од Тартини, Шостакович и Шнитке, на воодушевување на многубројната публика која ги награди со силни овации и аплауз. По завршувањето на концертот, добија искрени честитки и комплименти за нивната извонредна изведба од организаторите, но и од многуте музички педагози присутни во публиката.
Правото на настап на овој реномиран фестивал, нашите млади музичари го добија на покана на Сојузот на музички уметници на Република Македонија, после освоената прва награда на годинешниот меѓународен натпревар „Охридски бисери“, што се одржа во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Ана Кузманоска е ученичка во класата на проф. М-р Ана Ѓорѓиоска, Лина Николеска во класата на проф. Христина Пецакоска- Николеска, а Антица Николоска е во класата на проф. Мухамед Бајрам. Тие уште еднаш докажаа дека само со љубов кон музиката и посветена работа може да се постигнат врвни резултати.
Фестивалот „Златна лира“ важи за престижен и реномиран фестивал на кој учество земаат исклучителни уметници, кои настапуваат со самостојни концерти. Во програмата за оваа година се вметнати врвни инструменталисти и оперски пеjачи, меѓу кои се и нашите млади и талентирани музичарки. Оваа привилегија да ја делат сцената со најголемите имиња од македонската класична музичка сцена, претставува голем успех и можност да се стекнат со огромно искуство, што ќе им користи во нивното понатaмошно музичко образование и кариера. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива