Скопје/Охрид, 21. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Млади инфо во партнерство со Шпаркасе Банка Македонија, Пакомак и Фондот за иновации и технолошки развој, по трет пат го најавува конкурсот за Наградата за социјално претприемништво- Social Impact Award 2017.
Конкурсот за Наградата во Македонија ќе биде отворен во периодот од 22-ри февруари до 8-ми мај, во чии рамки ќе се одржат и бесплатни работилници за развој на бизнис идеја и бизнис модели во социјалното претприемништво во Скопје, Тетово, Гостивар, Охрид, Битола и Штип.
Официјално деталите за наградата ќе бидат соопштени утре во Јавна Соба – Скопје.
Целта е да се активираат што поголем број на млади луѓе кои ќе се мотивираат за отворање на социјален бизнис во Македонија.
– Наградата за cоцијално претприемништво – Social Impact Award 2017 претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Македонија. Оваа награда веќе е присутна во 20 земји во Европа со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna, вели Марија Матовска.
Најдобрите десет (10) идеи ќе добијат бесплатно менторство и процес на инкубација. За најдобрите три (3) решенија во областа на социјалните бизниси Шпаркасе Банка Македонија обезбеди парични награди во висина од 6.000 евра (по 2.000 евра по тим). Покрај паричните награди, ќе се додели и една дополнителна награда од заедницата, која ќе добие дополнителна поддршка во развивање на идејата. Четирите најдобри тимови ќе добијат и можност за учество на Европскиот самит во Белград.
Повеќе информации за „Наградата за социјално претприемништво – Social Imapact Award 2017“ можат да се најдат на www.socialimpactaward.mk. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива