Охрид, 3. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот земјотрес предизвика вистинска паника меѓу охришани, пред се поради силината на главниот земјотрес, но и последователните потреси со помала јачина.
Дел од граѓаните беа затекнати и во охридските маркети, кои веднаш ги известија да ги напуштат објектите и да излезат на отворено.
– Приметени се помали оштетувања, а најмногу има на производите кои паѓаа од полиците. Се надеваме дека ова ќе престане и ќе може животот во градот да продолжи нормално, велат од охридските „Тамаро“ маркети од каде ни испратија и видео од нивните сигурносни камери од моментот кога се случи потресот.
Инаку денес продолжи да се тресе охридското тло, попладнево со најсилен интензитет од 18-ти јуни, од кога Охрид го тресат серија земјотреси. Според официјалните податоци, земјотресот е регистриран во 13:18 часот со интензитет од 5 степени според Рихтеровата локална магнитуда.
Епицентарот беше на 5 километри североисточно од селото Косел, кај месноста Високо дрво, на длабочина од 10 километри. Земјотресот предизвика огромна загриженост и паника кај граѓаните. (Крај)
https://www.youtube.com/watch?v=Ol8k758TLfA&feature=youtu.be
извор: ОхридПрес фото: архива