Охрид, 11. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Драги Скопјани не се жалите на Охрид, Охрид е и ваш колку што е наш
Ние Охриѓаниве си имаме лесни маки налето. Не можеме да се пожалиме на нешто што не чини во градов а потоа да не се јават Скопјани и да почнат да напаѓаат по нас. Вие Охриѓани вакви, такви, потакви, не сте гостопримливи, не сакате други луѓе, не сте културни, градот ви е нечист, рестораните ви се прескапи и така со ред. Ние си ги знаеме нашите проблеми ама ако друг тоа ни го каже а особено Скопјани , тогаш се самоорганизираме и се браниме како знаеме и умееме. А вистината е некаде средина. Ниту сме ние идеални, ниту сте вие цвеќе за мирисање.
Колку што гледам, одамна таа поделба на Охриѓани и Скопјани веќе ја нема. Нашиве млади живеат во Скопје, во Скопје има жители кои се преселиле од цела Македонија, во Охрид има жители кои дошле од други места така да таа поделба скоро да не важи. Речиси сите Скопјани кои ги знам имаат станови во Охрид и нив ги чувствувам како наши Охриѓани. Не знам Скопјани кои дошле во Охрид на одмор фамилијарно и отседнале во некој хотел или апартман, сите се во свои станови.
Читам во некој хотел на гостите им наплаќале за лежалки. Повеќето газди на хотелите не се од Охрид. Која е тука вината на некој од Охрид кој нема врска со хотелот. Лежалките биле по 400, 500 денари, пиво на плажа било 250 денари. Скапо е, не велам не ама скапо е и нас и за вас. Има чаре за се. Оди во маркетите на „Тамаро“ , имаш пиво „Златен даб“ на акција за 39 денари, „Хајнекен“ за 55 денари. Оди во маркетите на „Миса“ имаш „Корона“ за 39 денари. (инаку „Миса“ е струшки ланец на маркети, да не речите дека не ги фалиме Стружани). Земи си пива, земи си една риза (по скопски крпа), постели ја под сенките и терај плажа. Ама сега сите сакаме да сме на лежалка, да пиеме кафе покрај вода, да не’ служат келнери. Порано еден пријател од друг град ми велеше:
– Јас дома ќе јадам грав и ќе додавам вода секој ден, ама кога ќе дојдам у Охрид сакам да сум господин.
Не дека се во Охрид е како што треба ,и нас ни пречат глетките со неискосена трева на патот за Свети Наум, состојбата со „Палас“, „ПТТ“, искршени тротоари, раскопани улици, панаѓурот по чаршија и на кејот, бучавата од моторите, проблемот со недостиг на паркинзи, високите цени, историскиот автопат за Кичево ама кому да се жалиме. На повеќето од нас ни пречат певалките од соседните држави кои завиваат на разни места низ градот ама штом доаѓаат , значи има кој да ги слуша.
Ако клајме (по скопски ставиме) вага ќе видиме дека Охрид има многу работи по кои е единствен. Излезете сабајле до на пазар, купите охридски патлиџан, купете ѓомлезец, охридски геврек, велгошки черешни(цреши). Прошетајте рано наутро до Свети Јован Канео да го видите изгрејсонцето, качите се на Плаошник, посетете ја црквата Богородица Перивлепта, поминете Свети Наум, Трпејца, замините во Скребатно, посетите го музејот, преспијте во конаците на Света Петка, застаните во Заум кога пловите по езеро за Љубаништа. Деновиве почнува „Охридско лето“. Искачите се до Антички, не мора да сте внатре, и околу се слуша музиката. Потсетите се какво е чувството кога вие над езеро ги слушате звуците од музичарите и ја гледате месечината како плови.
Така на крај, драги сограѓани Скопјани не се жалите на Охрид, Охрид е и ваш колку што е наш.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива