Охрид, 23. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со дозвола од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
За бијачките и најјаките охриѓани со кои не смејш да се играш или да ги провоцираш!
Сношчи се избиле во „Палас“, чера се избиле во „Летница“. Колку п’ти порано ќе слушневме вакви муабети?
Отсекогаш во градов имаше јаки, снажни, високи деца и м’жи. Обично сите нив ги познававме, сакавме со нив да се поздравиме, сакавме со нив да прајме муабет.
Некој од нив беја спортисти (пливачи, веслачи, ракометари) и таму ја покажвеја силата. Ќе ги спомнам Симон Ѓурче, Здравко Точко, Перо Спростран, Танас Таки, Крсте Мато и други.
Во секоја мала и дел од градов се знаеше кој се најјаките деца и со нив не смејш да се играш или да ги провоцираш. Имаше деца шо беја поголеми од нас кои ќе ти удреја клоца за нишчо, или чврга по гла зато шо си поминал од неговата улица или си свирел. Ногу п’ти имаше бијајне на деца од една мала со друга мала или една тајфа со друга тајфа. Се закажвеше во колку сатот и на кое место ќе имат бијајне. Обично бијајнето беше со боксој, тупајнци, клоци, немаше ко сега пиштоли, ножој ко сега ако дојт до некоја расправија. Појкето ќе се сетите на бијајнето на плажата некаде седумдесеттите години во Горица трета меѓу Велгошчани и Карабегомалци, ама ова стана од играчка плачка и ногу од нив беја повредени и однесени на болница или во милиција.
Бијачките најпојќе се праеја за девојка (дали раскинале па сега дечкото и додеват, братот од девојката го бијал дечкото, стариот дечко ќе го бијат новиот дечко и слично.) Имаше бијајне за маса во „Летница“, „Ривиера“ или „Палас“. Имаше бијајне на полигон, кој да играт прв фудбал или кошарка. Имаше бијајне на фудбал, ракомет каде јадеја ќотек судиите. Се сешчате на натпреварот во Грашница со Љуботен некаде околу седумдесет и втора или трета година кога судиите јадоја ќотек, а Охрид го дисквалификуваја во подолна лига. Имаше мали бијачки со Стружани на ракомет а поголема бијачка со нив беше на ватерпол на пристанишче кога се искршија сите весла од кајчината.
Едно време дојде мода овие силниве деца да вежбет со кревајне тегој. (Се земаја метални конзерви од десет, дваест кила, се полнеја со цименто и меѓу нив се клаваше метална шипка и која се креваше на мускули).
Со тек на време сите пораснаја, станаја фамилијарни, а останаја спомените за нив од то време
Имат ногу вакви ликој од градов.
Денојве слушнав еден муабет за Вити Попоски. Вити беше можда најјак чоек во градов на сите времина. Крупен, силен ама чесен по душа. Еден ден Илче Филе (со прекар Чекан) го избил еден постар кајчар. Милицијава место да го приберит Илчета го прибрала Витија. Вити иако не бил крив, во милиција не го издал другаров и останал неколку дена затвор. Ко го прибервела милицијата викнале пет полицајци зато шо двајца не можеле да го држет. После Вити замина на работа во Швајцарија. Умре млад, немаше ни пеесет години.
Муабети за вакви работи имат ногу, не се можда воспитни за младиве, ама и то беше дел од животот некогаш.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината