Муабети од Охрид и околината: За едни други директори – ЕМО, Застава, Отекс, Трудбеник, Палас, Охридска трговија…
декември 27, 2024

Охрид, 27. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

За едни други директори

Обично на крај на година сите се врашчаме назад на денојте од годинава и думаме како поминала годинава, шо сме напрајле, шо не сме напрајле, а сме можеле. Некој пак како мене се врашчаме појќе години назад и си прикажвиме шо било некогаш, шо се праело тогаш и шо е поинаку од денеска.

Денојве ми текна муабет за за едни луѓе шо порано работале како директори, началници, управници ама биле блиски со обичниов народ, со секого имале муабет, на сите поможвеле. Тие шо се живи и денеска мојте да ги видите по чаршија, со луѓе околу нив и почитувани од сите.

Ќе спомнам неколку, некој се починати, некој се живи, некого ќе испушчам. Не се дадени по некој ред туку како шо ми идаја на ум.

Ќе почнам од Ангеле Ќосе, директор на „Палас“ и „Охридска трговија“, Данко Николоски од Пошта, Здравко Милош од Здружение на возачи, Перо Снегар, Владо Този, Блаже Стефче, Ѓуре Ангелоски од „Комуналец“, Танас Горичан и Ѓоко Патче од „Комуналец“, Николче Наумов попчево кој беше доктор и ногу други. Ушче денеска по чаршија мојте да ги видите на кафе со пријатели Крсте Алач и Здравко Тупаре од „Електро дистрибуција“ или тогаш шо ја викавме „Електрична“.

Поинаква група на директори беја од стопанството, таму беше поинаква работата. Ќе ги спомнам само тие од големата четворка: „ЕМО“ со Пашава, „Застава Херој Тоза Драговиќ“ со Шапкара, „Отекс“ со Владо и Томе, „Трудбеник“ со Зарче. Тие пак праеја други себапи со то шо таму сите кои сакаја да работет, работаја и земаја убај плати.

Трета група, ќе ги спомниме друг п’т беја некако меѓу овие две групи. Си работаја мирно, не креваја галама, имаја ист број на вработени низ сите години.

Да се вратам на првите. K’ј нив кој шо ќе одеше да завршит работа никогаш не беше вратен. Сите беја услужени. Никој за нив не велеше лош збор. Ако некоја работа не можеја да ја завршет сами, ќе кажеја кој мојт да им поможит.

Памтам, понекогаш к’ј мене идаше Раиф. Ќе ми речеше:

– Бев к’ј Алача, ми заврши работа со струјата. Ме пушчи к’ј тебе, те поздрави и рече да ми завршиш работа со телефонот. Пред то ќе го натеравме Раифа да имитират некого или да кажит некој муабет за мајтап.

Ако некој требеше да завршит работа во „Водовод“, Танас никого не го врашчаше. Во моментот чоекот немал пари, ќе платит ко ќе имат.

Е сега некој ќе речит: Лесно било да си директор, отворени ти се вратите, мојш да поможиш, со сите не биле такви. Ама имаше и со други табиети. Ко ќе го клаеле директор, си мислел дека го фатил Господа за брада, дека тој е најпаметен, не праел муабет со секого.

Кажвеја еден муабет за Николче попчево.

Еден ден, чуварот му рекол:

– Абе докторе, те гледам со секого прајш муабет. Јас да сум доктор, ќе велам „добрутро“ само на двајца.

Низ работава и јас пробвев да сум како нив ама не можев секогаш. Во моето време ногу работи се менаја. Се намалија дружењата, дојдоја компјутери, мобилни телефони, горе дојдоја странци кои ги интересираше само профит и колку пари ќе донесиш. Ако му кажеше горе дека се берите за празници, дека ако имаше некој визита частеше на работа, дека се бериме за Водици на работа на топла ракија не им беше јасно и ми велеја:

– Прави што правиш, внимавај да не те разберат менаџерите.

Знам дека ваквава работа шо ја праевме не е во духот на новите модерни текови во управувањето, менаџирањето ама ми беја поблиски старите директори.

На крај да го спомнам еден од ретките кои и денес практикуваат „старомоден“ начин на работа ама е успешен. Ако е време за регистрација на кола, помини к’ј Миле Милош во Здружение на возачи и ќе бидиш пречекан како шо личит.

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука