News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 4, 2024

Охрид, 4. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект. News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено... За охридските дуќанчина, гранапи и продавници

Порано во секоја мала имаше дуќанче кај шо пазаревме секојдневни работи. Негде ги викавме дуќанчина, негде гранапи, продавници, по селата беја кооперации, а подоцна станаја самопослуги и денеска скоро секаде се маркети. Дуќанчината беја мали , ко ке влезиш имаше тезга зад која стоеше продавачот и ти даваше шо ке побараш. Посовремените дуќани станаја самопослуги каде сам си бираш шо ќе купиш.

Овде е муабетов за самопослугата од претпријатието „Рибар“ к’ј денешен Минимаркет на ќошот меѓу улиците „Јане Сандански“ и Булеварот „Туристичка“. Продавачи по кои самопослугава беше препознатлива беја Славе Недан кој беше и шеф, Стефан Љатко, Кољо Жиле, Ѓоко Велјан, касиерките Славица Грунчева, Весе Арсенова, а подоцна ко се отвори месара таму работеше и касапот Благоја од Косел. Славе Недан ушче работат од каршија во денешниот маркет „Кошишта“ и иако имат близу девеесет години виталноста и ентузијазмот не го напуштат.

Ко бев средна школа работав таму преку лето по два месеци и научив некој работи од работата во дуќан и ќе ги спомнам сега колку за споредба. За разлика од сега тогаш скоро нишчо не се продаваше во пластика. Масло стигвеше во големи бурина од сто кила со чеп. Бурината се чуваја во магацинот од самопослугата. Луѓето од дома носеја шишина празни, продавачиве му точеја масло од бурето и така се продаваше. Шеќер и брашно се носеше во платнени или книжни врешчина. Продавачите мереја во книжни кесина од кило или две и продаваја.

Кафе се носеше немелено и секој дуќан имаше машина за мелење кафе, му паковаја по сто грама и се продаваше. Ова кафе старите го викаја саде кафе (чисто кафе). Со кафето некогаш се мешаше и наут за тие шо сакаја мешано. После стигвеја фабрички пакувани стаклени шишина со масло. Едно време се продаваше заедно и на мерење во дуќанот и фабрички пакувано. Ко ќе не пушчеја да купиме масло на мерење ни велеја: Оди купи масло „на тргана“.

Од пијачки се продаваше вино, пиво, сокој кокти, јупи, оранжади и сокој на растворање.Сето ова беше во стаклени шишина. Немаше лименки, немаше пластика. Млеко благо се продаваше во стаклени шишина со широка устинка. Во продавницава не се продаваше леб. Леб се продаваше во лебарата под учителската зграда. Таму се продаваше леб, пецива и млеко. Друго не смееше да се продават.

Ко се прошири самопослугата почнаја да продавет и месо блиску до влезот од самопослугата. Зарзават и овошје почна подоцна да се продават. За вакви производи во градов имаше посебно претпријатие „Витамин“ каде се продаваја овие производи, ама таму немаше брашно, масло, шеќер, прашоци, сапуни… Касиерките шо работаја на каса ги знаеја сите цени од производите напамет. Немаше ко денеска бар кодој ама и то време немаше толку производи и цените не се менвеја толку често или шо викавме ката месечина. Интересно беше шо ако немаја ситни пари за кусур, понекогаш место кусур се врашчаја мастики.

Од то време јас се научив и така продолжив да прам злоупотреба на службена должност. Шо е муабетов. На времето скоро сите деца беревме албуми „Животинско царство“ со слики од животни. Сликите беја во мали чукалдца од два-триесет грама. Сликите се лепеја во албумот и кога ќе се собереја сите слики, албумот го пушчавме во Загреб во фабриката „Јосип Краш“. Оттаму ни врашчаја цели пакети од две-три кила со чоколада, наполитанки, бонбони, бисквити Чукаладата беја паковани во хартија која на двата краја беше отворена. Многу деца од овие албуми научивме да читаме латиница. Дури работав таму можев да ги отворам од хартијата, ги барав сликите шо ги немав и ги клавав внатре сликите кои ми беја дупли. Се разбира чукаладото не смееше да бидит оштетено и сликите да не се скинати. Ова го знаеја и постарите продавачи, ама не ми праеја проблем.

Подоцна во зградата до самопослугава се отвори друга понова самопослуга од „Охридски Магазин“ и така се зголеми конкуренцијата. На крај сите три претпријатија „Рибар“, „Охридски Магазин“ и „Витамин“ се споја во едно „Охридска Трговија“, продавнициве станаја посовремени и стариот начин на работа се замени со нов „помодерен“, ама останаја спомените од едно време како се работаше во продавниците.

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука