Охрид, 30. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Имат луѓе во градов кои оставет трага зад нив без разлика шо работет или шо ќе напрает во животот. Еден од нив е Љупчо Патче.
Ко се врати од Германија некаде околу осумдесеттите години беше еден од првите во градов кој отвори кафич. Скоро сите го памтите популарниот „Чарли“ кој беше отворен зад зградата од „КАМ“ на „Булевар Туристичка“ до Трговскиот Центар „Трудбеник“. Во чаршијата и центарот главно беја кафаните од „Палас“ и отпрвин властите не оставаја да се отворет кафичи во центарот. Дотогаш во градот постоеја само класични ресторани а овде прв пат почнаја да се користет високи столој „коњопој“, просторијата беше затемната, се пијаше на нозе зато шо немаше место за седејне, почнавме прв пат да се прајме мангупи и да пијаме шток, џин, мартини…
После то Љупчо ја отвори една од најпознатите кафани во градов „Далга“ во темниците која сега е преместена подолу на Ј’но. Сигурен сум дека немат некој од градов шо барем еднушка не е влезен во „Далга“. Тука идаја познати личности од цел свет, бивша Југославија и од цела Македонија како глумци, поети, писатели, професори, доктори на науки, претседатели, премиери, градоначалници, сликари и обични луѓе од секојдневниот живот. Без разлика кој шо е и кој е, Љупчо со сите имаше ист однос, со сите праеше муабет и сите таму знаеја дека ќе се пречекани со најголема чест. Денеска кафаната ја водит внук му Стефан, Љупчо одмарат на некоја од масите со некој гостин.
Последно, некаде пред појке од дваесет години ја изгради малата црква во Лагадин посветена на светите маченици Вера, Љуба, Нада и мајка им Софија. Црквата е секогаш посетена од верници, а денешниов ден, 30 Септември е празник на црквата. На овај ден таму имат река од народ и од година во година бројот на верници е се поголем.
Сликава е од денеска 30 септември 2024, позајмена од Митко Лукан, а во преден план се поп Атанас, Љупчо и неговиот нераздвоен другар Маџар од Кошишча.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото