Охрид, 22. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Еден постар муабет од и за Зоран Сврзикапа.
Дури беше в Охрид, работаше ногу работи. Работаше во „Охридска банка“, „Прилепска пивара“, преставник на „Огражден“ фирма за мебел, отвори дуќан, сендвичара и други работи. Муабетов е од времето пред да заминит за Нов Зеланд ко имаше сендвичара во куќава каршија гимназија.
Работат Зоран во сендвичарава и поминал некој пријател Прилепчанец. Се познавале со Зорана ама не до толку. Зоран облечен во бел мантил и на мантилот напишано Д-р Бачев. (Со докторов Перчо Баче се зет и шура и Перчо му дал постар мантил за работава во сендвичарава). Прилепчанецов гледат во мантилов докторски и го опитвит:
– Зоран, не знаев дека си бил доктор. Имам проблем со половината, тешко се движам.
Зоран разбрал колку е сатот и му велит:
– Дојди утревечер околу 9 сатот во Маларична, ќе те прегледам и ќе видиме шо е работава.
Другиот ден се договорил со сестрите од Брза помош дека ќе прајт ујдурма (сите го познаваа, к’ј него купвеја и пазареја). Ојт Зоран вечерта на Брза помош со мантилот од Бачета, идат Прилепчанецов на преглед.
Зоран му велит: Влези зад параванов, спушчи ги пантолите, ќе дојт сега сестра да ти дајт инекција. Тој прајт ко шо му рекол Зоран, а Зоран си ошол дома. Чекат Прилепчанецов, пол сат, сат никој немат. Едно време дошла сестра од трета смена и опитвит шо е работава:
Овај одгорвит: Ми рече доктор Зоран да почекам за инекција.
– Кој Зоран, немаме таков доктор.
– Зоран што седи спроти гимназијата.
На сестрава е текнало и почнала да се смејт.
– Абре каков доктор Зоран, тој не е доктор.
Утредента ошол Прилепчанецов к’ј Зоран на дуќан.
– Че видиш за ова што ми направи, че ти вратам кога тогаш.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината