News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
јули 3, 2024

Охрид, 3. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

„Летница“ од сабајле беше полна со гости, старите велеја: Ај да поминиме од „Летница“ да видет дека сум жив

Имат ногу писанија за „Летница“, ево едно и од мене, со некој работи се повторвиме, ама то е со годините. „Летница“ која најпојќе ја памтиме од мојата генерација е реновирана некаде на почетокот од седумдесеттите години по проект од нашите Охриѓанки, Софија и Грете Хаџиеви.

„Летница“ беше голем комплекс со голем ресторан и голема тераса под боројте. На едниот крај кун паркот према сегашниот амам имаше голема сала во која се одржвеја разни свечености, конгреси, музички настани и ја викавме „Сина Сала“. Од улицата к’ј шо се сега „Тинекс“ и „Рамстор“ имаше ресторан самопослуга во кој можеше ефтино да јајш. Во продолжение имаше киоск во кој се праеја најубајте кебапи во векница а главен беше Спасе. Од страна на чаршијата по скали се качвевме во таканаречениот „Чардак“, беше помал од главниот ресторан и обично таму одевме ко потпораснавме назима на пијачка. Од истата страна имаше отворена и преставништво агенцијата од Белград „Центротурист“, а после тука се отвори и „Паластурист“. Од тие шо работаја тука ги памтам Климе Билко, Ташко Петрески – Шуле, Лиле (Целеска) Спироска, другите ќе ги кажите вие…

Летно време, во „Летница“ од сабајле беше полна со гости. Први гости беја понекој пензионери кој тука го пијаја првото кафе. Околу десет-единаесет почвеше главната гужва и се затвораше дури на полнош. Настрана стоеја групи кој чекаја да се ослободит некоја маса. Тука се разбираја сите настани шо се случиле во градот, тука се праеја сите муабети за градов. Понекој од старите велеја: Ај да поминиме од „Летница“ да видет дека сум жив.

Од келнерите кој беја главни ликој ги памтам Ангеле (патлак), Јовица, Тошо Фармак, Фармак од Месокастро, Стојмир, вие ке ги дополните другите… Тука се береја Охриѓани кои живееја во Охрид, Охриѓани кои беја преселени во Скопје, Белград и странство, познати луѓе од политиката, спортот, музиката кои живееја во поголемиве градој. Секојдневни гости беја директорите и вработени од фирмиве во центаров кои можеја да излегвет кога сакаја зато шо таква им беше работата, вработени во општина и судој… Нема да можам да ги спомнам сите и пак вие ќе дополните. Појќето се покојни, некој се живи и понекогаш отвораме муабет за старите времина од „Летница“.

Ќе ги спомнам Данко, Најденко, Перо Снегар, Здравко Милош, Илче Боев, Перчо Василески, бившите градоначалници Јаким Спироски, Милчо Бале, Љубен Баткоски, после Охриѓани кои се преселиле како Ѓорги Боев, Димче Шешо, Кољо Шешо, Владо Симонче, Борис Чипан, Асен Групче, Ристе Групче, Владо Шеле, Владо Иваноски, Ацо Чипан, Климе Савин, Цеко и Зоран Георгиеви, Саво Коцаре, Томе Стефоски, Неџат Хусеин, Григор Копров, Миле Битрак, Томе Афасонка… Од Охриѓаниве други тука беја неизбежниот Перо Суруџи, Јонче Дојчин, Николче Наумов, Леко Радич, Кире Заро, Кире Марин, Коле Зафироски-мечено, Никола Карамешиноски- Кара, Никола Котели, Јоне Филе, Ѓоре Василески, Кољо Филипче (Гинек), Кољо Чипан, Стефчо Коцаре, Перо Нанче, Стефчо Муса, Боре Маленко, Никола Маленко, Крсте Шешо, Здравко Тупаре, Крсте Алач, Наџи, Перо Тодороски… Чести гости кои не беја Охриѓани беја и Лазар Лечич, Благоја Георгиевски Буштур, Томислав Маниќ, Зафир Хаџиманов, Киро Глигоров (дури живееше во Белград), Димче Белоски, Томе Буклески-Мачули…

Денеска „Летница“ го имат изгубено своето некогашно значење. Поделена е на неколку дуќани, кафани, кафулиња, слаткарници, деловни простори. Жално е шо Охрид немат градска кафана к’ј шо можит да седнит обичен чоек и да се напијат и почестит кафе по пристојна цена.

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Milco Georgievski

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука