Муабети од Охрид и околината: Написот за охридските легенди Вити и Љупчо Попоски во спомен на починатиот новинар Наум Бајо
јануари 11, 2025

Охрид, 11. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Деновиве почина познатиот струшки новинар, публицист, писател Наум Бајо. Пред неколку години најдов еден негов напис за охридските легенди Вити Попоски и Љупчо Попоски. Ево сега го објавувам написот и во групава. Нека му е лесна земја.

Спомени и сеќавања: Моите братучеди Вити Попоски и Љупчо Попоски

Беа една година постари од мене. Тие во Охрид, јас во Струга. Во педесеттите години деца, на десетгодишна возраст во лето се среќававме во куќата на баба Сандра, вдовица, во влашкото село Долна Белица. Баба Сандра, беше мајка на нивните татковци Проко и Вангел и на мајка ми Олга.
Проко Попоски беше угледен просветен инспектор во Охрид. Вангел Попоски, наставник во осмолетка во Охрид.

Во тие години, Долна Белица, вриеше од народ. Посебно, во летниот период. Роднокрајци од Струга, Охрид, Белград, Панчево, Земун. Имаше фудбалски клуб „Рапид“ со одлични фудбалери. Селото немаше струја. Се прибиравме рано. Покрај газиената ламба и борина сонот доаѓаше веднаш. Долна Белица прилегаше на разгледница. Убави куќи, со варосани огради, чисти, светли. Полето бело. Сите овошни градини варосани. Задоволство и радост да се прошеташ во градините. Реката Белица чиста, студена се пие.

Со Вити Попоски и Љупчо Попоски рано со торби полни со пченица и пченка одевме на воденица. Прв пат во животот воденица!? Зрното паѓа, големиот камен врти, притиска излегува брашно. Баба Сандра од брашното правеше влашки специјалитети и потквасено кисело млеко со нож да го сечеш! Во селото растеа, големи, црни капини. Собиравме само јас и Љупчо, Вити не чекаше со парите на бунарот. Капинките ги продававме на луѓето од Октиси, Вевчани. Се враќавме од Струга. Сите пари му ги дававме на Вити. Утре, во Струга е пазарен ден-ќе ни речеше. Одиме, ќе купиме љубеници и дињи. Баба Сандра да ја израдуваме. Сите на трпеза. Голема, округла софра, полна со специјалитети. Наредени, еден до друг. Ах, тоа не се заборава.

Дојде најтажниот ден! Баба Сандра се разболе. Се всели во домот на синот Проко Попоски, во Охрид. Тука почина. Ја закопаа во Охрид. Нека почива во мир. Куќата во Долна Белица празна. Никогаш потоа не се вративме во селото!?

Животот продолжува. Пораснавме…

Вити Попоски замина во Цирих, Швајцарија на работа. Љупчо Попоски се вработи во Охрид. Јас новинар во Струга. Вити Попоски во лето доаѓаше во Охрид на одмор. Задолжително не’ посетуваше во Струга со голема љубеница. Многу ја сакаше мајка ми.

Незаборавен спектакл!?

Пловиме со бродот „Галеб“ од Охрид до Свети Наум. Вити Попоски го откупи бродот. А на бродот само четворица патници: Јас, тој, едно момче со гитара и познатиот трубадур Перо Суруџи. Ваква дестинација досега никој друг не сторил. Пловиме со музика, со песна, со богата трпеза и вино. Перо Суруџи го разнесе својот тенор низ водената шир. Познати оперски арии, оперети. Не ‘ пренесе во миланската скала, во Париз, во Њујорк. Охриѓани го паметат. Почина рано. Нека почива во мир.

Вити Попоски – охридски боем го сакаше животот со друштво. Со музика, песна, сладок живот. Кршеше млади срца. Охридски Аполон. Латинска убавина развиен, мускулест, побелена, кратка коса, живи очи. Интересен, возбудлив лик. Но, почина многу млад. Имаше само 49 години. Цел Охрид на погреб. Се простив на гробот, со пригодна беседа. Засекогаш е вграден во охридската хроника како боем и трубадур. Нека му е вечна слава. Почивај во мир!

Љупчо Попоски, уште како студент на Машинскиот факултет во Белград свиреше гитара во составот на армоникашите Радојка и Тине Живковиќ. Во Охрид, со познатиот музички педагог кларинетист Ораче и со други состави. Почина во Охрид. Нека почива во мир…

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука