Сиднеј, 25. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Светското фудбалско првенство во Катар во 2022 година најверојатно ќе се игра во ноември и декември, за да се избегне жештината, изјави шефот на Азиската фудбалска федерација Шеик Салман бин Ибрахим Ал Калифа.
Шеикот од Бахреин изјави пред новинарите во Сиднеј дека идејата била да не се поклопат Зимската олимпијада со Мундијалот.
– Најдобар период да се одржи Светското првенство во Катар е во текот на ноември и декември, бидејќи сигурно овој турнир треба да се игра во зима, рече Салман бин Ибрахим Ал Калифа. Според шеикот, зимските месеци се најдобри и им одговараат на сите земји.
Претходно, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет го „потсети“ претседателот на ФИФА, Сеп Блатер да не дозволи Мундијалот да влијае на зимската Олимпијада. Самиот Блатер призна дека е свесен дека Мундијалот нема да може се игра во традиционалните месеци јуни и јули, затоа што температурите во Катар во тоа време се над 50 степени Целзиусови и можат да го загрозат здравјето на учесниците.
Иако Светското првенство во зима е многу веројатно, фудбалските челници размислуваат и за опција турнирот да се одржи во пролет, поради притисокот од европските клубови. Блатер сака првенството да се одржи во текот на месеците ноември и декември, додека Мишел Платини преферира да биде во јануари, за да не им пречи на натпреварите од Лигата на шампионите. (Крај)
извор: Спорт ТА фото: архива