Охрид, 5. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од настаните за чествување на ликот и делото на ловороносецот Григор Прличев, во Центарот за култура во Охрид кој го носи неговото име се одржа свеченост посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“, поетот Славе Ѓорго Димоски.
На свеченоста беше претставена наградената поема „Денес”, а се одржа и артистичка изведба на поемата, како и врачување на Повелбата за најдобра поема за 2023 на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски.
– И по многу изминати столетија од смртта на великанот Григор Прличев македонските и светски творци на поезијата симнуваат капа пред неговиот величествен лик и неповторливите дела. Јас верувам дека секој од нас денес е почестен што е дел од оваа свеченост, а највеличествено се чувствува познатиот охридски и македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски кој со поемата „Денес“ стана лауреат на „Прличевите беседи 2023“. Продолжувајќи ги востановените Прличеви традиции за пишување на жанрот поема Ѓорѓо Димоски уште еднаш потврди дека сите ние сме чеда на Прличев како еден од најголемите интелектуалци и преродбеници врз чиј труд се гради сето она што е духовно и креативно во Охрид, порача во своето обраќање заменик градоначалникот на Охрид Перчо Божиноски.
Тој додаде дека поемата „Денес” нуди драгоцени созвучја со современоста, директно актуелизирајќи повеќе топоси како постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна.
– Во средиштето на лирското промислуваье е ставена кризата на субјектот и преиспитувањето на идентитетот во состојба на неизвесност, запрашаност и соочување со празнината: кој сум јас, чија претстава сум, можна ли е комуникација со себе и со другите.
Поемата „Денес” донесува освежување на канонскиот модел на жанрот избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика. Секое време раѓа свој Прличев, годинашниот и многуте лауреати пред него се доказ за тоа. Тие се оние кои го обмислуваат новото време, кои ja раскажуваат нашата жива автентичност во современиот Свет. За тоа сведочат и ракописите кои се натпреваруваа за престижот да се биде носител на Причевата ловористика. Прличев е нашиот духовен водич. Затоа наградата што се доделува во негова чест, покрај тоа што ги истакнува високите вредности на културата исто така докажува дека македонскиот народ секогаш ќе има креатори и творци коишто ќе го зачуваат нашиот културен идентитет како значаен дел во светската духовна и културна ризница. Ваквите чествуваьа се одлична можност повторно да си ветиме дека ќе ја чуваме нашата традиција, нашето минато кое е основа на сегашноста и здравата иднина, напомена Божиноски.
Чествувањата продолжуваат утре во 10:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, во 10.30 часот предвидени се панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Прличев во близина на црквата Св. Богородица Перивлепта.
Од 11:00 часот во Спомен куќата на ловороносецот ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во рамки на кои ќе биде изведена песната „1762 лето“ од Митко Кољушевски и Венко Пашовски. Свое обраќање ќе има градоначалникот Кирил Пецаков, ќе бидат врачени два примероци од книгата „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид, како и наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“. По ова предвидено е читање на наградените литературни творби и промоција на книгата „Охридски поети“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.
Во 12:30 часот предвидено е полагање ловоров венец и свежо цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред градската библиотека „Григор Прличев“, по што ќе се обрати Смиле Наумоски, член на Друштвото на писатели на Македонија.
Од 13:00 часот во Прличевата одаја на Библиотеката „Григор Прличев“ ќе се одржи „Охридска визита“. Беседа за поетот и преродбеник Прличев ќе одржи проф. д-р Елизабета Шелева, по што ќе следи прогласување на добитникот на наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2024 од распишаниот конкурс: „Како против пизмата?“, обраќање на добитникот на наградата и културно-уметнича програма.
Програмата ќе биде заокружена со свечена приредба по повод патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ утревечер од 19:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Перчо Божиноски/ОхридПрес