Скопје, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Над 1.000 граѓани на Република Македонија се пријавија на конкурсот за прием на професионални војници во Армијата на Република Македонија, покажуваат податоците од подрачните единици на Министерството за одбрана.
Во следните денови Министерството за одбрана врши проверка на доставената документација, по што лицата за кои е утврдено дека ги исполнуваат условите согласно Огласот за прием на професионални војници, по претходен план ќе бидат повикувани на психолошки тестирања, општообразовни тестови и здравствени и физички проверки.
Министерството за одбрана е задоволно со бројот на пријавени граѓани и очекува по процесот на селекција во служба на Армијата на Република Македонија да се вработат најдобрите кандидати. За Министерството и за Армијата на Република Македонија најважно е професионалните војници кои ќе бидат примени да поседуваат високи психофизички способности и високи морални и етички стандарди како и да бидат исклучително мотивирани да и служат на Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива