Над 100 илјади Македонци го користеле аеродромот во Тирана од каде се лета до 129 дестинации, ќе ја издржи ли охридскиот трката?
декември 15, 2024

Тирана/Охрид, 15. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Се’ поголем број македонски државјани ги користат услугите на меѓународниот аеродром во Тирана, од каде моментно може да се патува на 129 директни дестинации.

Тоа го потврдува и бројката од над 100 илјади македонски државјани кои пристигнале или отпатувале кон некоја од многубројните дестинации.

– Овој аеродром претставува единствениот меѓународен аеродром во регионот, со широка покриеност и многу пристапни цени. Него се повеќе го користат и граѓани од Црна Гора и Косово. Во периодот јануари-ноември регистрирани се 800 илјади косовски и 200 илјади црногорски државјани, наведуваат медиумите.

Додаваат дека на 9-ти овој месец, слетал десет милионитиот патник за оваа година, што „до пред шест години не можеше ни да се замисли“.

– Под раководство на „Кастрати Груп“, единствениот акционер на Меѓународниот аеродром во Тирана и во соработка со Управата за цивилно воздухопловство, интензивно се работи за да се одговори на растечките барања на патниците и во исто време постојано да се зголемува опсегот на дестинации, информираат аеродромските власти.

Од таму најавуваат дека по нова година се очекува да биде воспоставена директна авионска линија Тирана-Њујорк.

Во Албанија се гради и нов аеродром, во Валона, кој ќе се простира на површина од 297 хектари. Проценетата вредност на инвестицијата е околу 104 милиони евра. Премиерот на Албанија, Еди Рама, неодамна најави дека аеродромот ќе биде завршен до крајот на 2024 година, по што ќе влезе во европските тестови за сертификација, а првите патници се очекува да ги прими веќе од март 2025 година. Албанија сериозно работи и на подобрување на патната инфраструктура и поврзаност со Република Македонија, со што бројот на патници од нашата земја може само да се зголеми.

До крај на годината шест нови авио линии од скопскиот и охридскиот аеродром

Овие бројки и информации доаѓаат во време кога аеродромот во Охрид подолг период наназад бележи намалување на бројот на летовите. Последните најави на македонските власти сепак даваат одредена надеж дека работите ќе се сменат на подобро. Министерот за транспорт Александар Николоски неодамна најави дека до крајот на годината ќе имаме уште најмалку шест нови авио линии од скопскиот и охридскиот аеродром.

Позитивни најави стигнаа и од Turkish Airlines од каде откриваат дека од 27-ми март четири пати неделно ќе лета на релација Охрид-Истанбул. (Крај)

извор: Тв Сител/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука